Еден од важните аспекти од концептот за т.н. паметен град е да се инвестира во јавниот транспорт. Денешните паметни решенија овозможуваат оптимизирање на различни системи, но сепак сѐ уште и денес редовниот фреквентен јавен превоз е тој што овозможува ефикасно движење на голем број патници, вели Депонте
Диего Депонте, италијански архитект
Диего Депонте е италијански архитект, кој е надлежен за транспортни стратегии и урбана мобилност во компанијата „Систематика“. По повод Денот на италијанскиот дизајн и италијанската архитектура во светот, кој беше одбележан и од Амбасадата на Република Италија и ИТА, тој го посети Скопје и беше дел од прес-конференцијата за новиот проект на градот Скопје „Паметни градови – градови на иднината“, организиран од Амбасадата на Република Италија.
Диего Депонте смета дека треба да се гради паметно преку интегриран пристап за планирање. Тој ги сподели своите видувања и решенија за некои од урбаните проблеми на Скопје.
На што се мисли кога ќе се каже „паметен град“? И кои се бенефициите од овој урбан концепт?
– Постојат неколку концепти за паметен град. Основниот аспект на концептот „паметен“ е да се воведат нови решенија што ќе овозможат преку инфраструктурни инвестиции да се добијат важни објекти и тоа благодарение на воведувањето на интелигенцијата, технологијата и можноста за добивање т.н. пошироки ефекти, а потоа и вкупни придобивки, кои ќе влијаат и пошироко од полето на влијание. Би можеле да имаме технолошко решение за мобилност што може да генерира бенефиции во поголем обем, а особено мултидимензионални бенефиции од економска гледна точка, општествена кохезија и многу повеќе.
Кој е основниот аспект?
– Еден од аспектите што ние ги вреднуваме е внесувањето на концептот паметен град на сè што претставува голема инфраструктура. Во моментот кога ќе се воведат нови решенија, од суштинско значење е првенствено да се поврзат планирањето на транспортот и планирањето на урбаниот развој. Треба да се гради паметно преку интегриран пристап за планирање, бидејќи е од суштинско значење градот да функционира токму од аспект на урбаниот развој и да се искористи инфраструктурата за да се создаде тој урбан развој.
На што треба да се работи за Скопје да се доближи до овој сегмент од урбаната архитектура?
– Вториот аспект од овој концепт е да се инвестира во јавниот транспорт. Денешните паметни решенија овозможуваат оптимизирање на различни системи, но сепак сѐ уште и денес редовниот фреквентен јавен превоз е тој што овозможува ефикасно движење на голем број патници. Токму заради тоа, добредојден е проектот што го видов за Скопје, проект за инвестирање во редовен трамвајски систем за најфреквентните релации, напуштајќи ја логиката за широко распространета автобуска мрежа, создавајќи фреквентни и редовни линии, кои, според нашите први анализи, ќе донесат важни придобивки. Што се однесува до концептот „паметно“, видовме дека има толку многу решенија. Правците на развој, каде што се спојуваат многу јавни или приватни инвестиции се многубројни, тие се однесуваат на системите, начините за управување со услугите, инфраструктурите. Ние воочивме неколку концепти. Постои голем интерес за инфомобилност, потоа за темата за автономен возач, за можноста за воведување интелигентни системи како во јавниот транспорт, така и во услугите за споделување транспортни услуги, постои темата за мобилноста како сервис, не само како јавен превоз и приватен сообраќај, туку и во поглед на нови форми на мобилност. Потоа очигледно е и прашањето за влијанието врз животната средина, можноста за воведување технологија што може да биде поеколошка.