Ниту еден оброк не треба да биде „гол“, односно без зачин. Билките и зачините освен што ја прават храната повкусна, тие исто така се и здрави за вашето тело.
Билките како што се босилекот и циметот, на пример, се користат за да се даде одреден вкус на храната, но истражувањата покажуваат дека тие исто така се здрави и од нивното консумирање може да имате здравствени придобивки.
Билките и зачините се борат против воспаленијата во телото. Тоа е така затоа што голем дел од нив се богати со фитохемикалии кои се здравите компоненти на билките. Додавајќи билки и зачини значително го подобрувате вкусот на храната.
Одберете го вистинското нешто
Сигурно сте забележале дека одредени билки и зачини се продаваат како суплементи, како што е маслото од оригано или, пак, екстрактот од цимет. Освен ако вашиот доктор не ви препорачал да користите суплементи, секогаш е подобро во организмот да ги внесете природно, наместо во форма на суплемент или апче. Храната е војската на организмот. Состојките од зачините и билките исто како и од секоја друга храна се корисни за здравјето.
Најдобрите билки за вашето здравје
Во готвењето, најважно е сепак да знаете што и како може да комбинирате, но и во кое количество да ги користите зачините и билките.
Еве неколку идеи кои би можеле да ги примените во вашиот следен оброк.
– Чили пиперките, свежи, сушени или во прав ѝ даваат посебен вкус на храната. Освен што го подобруваат вкусот, тие го забрзуваат метаболизмот и се одлични за циркулацијата.
– Циметот е одличен, бидејќи е благ, а има и малку калории и е без шеќер. Евтин е и лесно може да го најдете, а може да го додавате во овошните салати, кафето, чајот, но и во сутлијашот. Тој е одличен во борбата со воспаленија и во борбата со бактериите. Исто така, некои истражувања покажуваат дека циметот е одличен за намалување на крвниот притисок, но и во борбата со вишокот килограми.
– Какаото е клучна состојка на чоколадата, но и зачин со многу здравствени бенефиции. Богата е со антиоксиданти кои се одлични за здравјето, а посебно за намалување на холестеролот и на крвниот притисок, како и за подобрување на коронарните болести. Исто така, какаото може да ви помогне во борбата со анемијата, но и во подобрување на расположението.
– Кимот има најголема употреба во индиската кујна. Богат е со железо и е одличен во битката со вишокот килограми, но и во смирување на нервозните црева. Помага и во борбата со грчевите кај бебињата, а ја зголемува и лактацијата кај мајките-доилки. Чај со една лажичка ким може да ги смири вашите црева и да ви помогне во опстипацијата.
Една студија покажува дека 88 проценти од жените кои консумирале една лажичка ким дневно ослабнале повеќе од оние што воопшто не го внеле во својата исхрана.
– Ѓумбирот е моќен сојузник во битката со стомачните тегоби и со настинките. Има силно антивоспалително дејство и е еден од најсилните борци против ракот.
– Рузмаринот е силно ароматична билка, богата со антиоксиданти кои можат да помогнат во битката со оштетувањето на клетките. Една студија покажала дека луѓето кои консумираат рузмарин дале подобри резултати на тестови за меморија и други ментални задачи.
Науката смета дека неговата состојка цинеол може да ја подобри и зголеми активноста на мозокот. Затоа се препорачува кај луѓе кои боледуваат од склероза, Алцхајмер и други болести поврзани со мозокот.
– Куркумата е присутна на нашиот пазар во последниве неколку години, а најмногу ја користат во Индија. Куркумата е дел од зачинот кари кој, пак, е мешавина од други зачини, но сепак нејзина карактеристика е силната жолта боја. Таа е богата со витамините Б6 и Б3, фолна киселина, калиум, железо и со растителни влакна. Има моќно антивоспалително и антиканцерогено дејство, одлична е за дезинфекција на рани, добра е во битката со депресија и го чисти црниот дроб.
– Ловоровиот лист го користеле нашите баби во подготовката на сарма, свинско месо и грав. И со право го користеле, бидејќи ловоровиот лист е богат со антиоксиданти, со витамините А и Ц. Во неговиот состав има и бакар, железо, цинк, селен и магнезиум. Од него се добиваат одлични природни лекови за бронхитис, настинки, но и за справувањето со гасови.
– Магдоносот ги решава уринарните инфекции, проблемите со опстипацијата, вишокот килограми и високиот притисок. И тоа се само мал дел од бенефициите кои ги нуди магдоносот. Богат е со витамините А, Ц и Е, и освен што може да ви помогне да ги направите јадењата повкусни, тој е одличен и во борбата со женскиот непријател – целулитот.
– Нането ретко кој го користи како зачин во исхраната, но пробајте да го ставите во грав. Ќе бидете изненадени од вкусот на ручекот. Освен што ќе го подобри вкусот на храната, нането е на врвот во борбата со стомачните тегоби. Игра голема улога во зајакнување на имунитетот и е одличен за намалување на киселините во желудникот и на главоболката, помага во забрзување на метаболизмот, а важи и за природен антисептик, аналгетик и голем непријател на бактериите.
– Босилекот најчесто се користи како билка која ги брка комарците од терасата и дворот, но е одличен и како свеж зачин во тестенините. Исто така, неговото додавање во храната може да помогне при ушна инфекција, за подобрување на работата на желудникот, во намалување на телесната температура, а една шолја чај од босилек ќе ви помогне да имате подобар сон.