Напаѓачот на Барселона има 335 победи во шпанската Ла лига, една повеќе од поранешниот голман на Реал и е пред освојување на 10-та шампионска титула
Нов натпревар, ново рекордно постигнување на Лионел Меси. На дербито на „Ноу Камп“, Барселона – Атлетико (2-0), Аргентинецот ја надмина легендата на Реал Мадрид, Икер Касилјас, според бројот на победи и стана најуспешен играч што некогаш настапувал во шпанската Ла лига. Меси сега има 335 победи, една повеќе од Касилјас, но на 447 натпревари, што е многу помалку во споредба со 510-те меча колку што му беа потребни на голманот Касилјас.
Аргентинецот, кој го постигна вториот гол на мечот со Атлетико, стигна и до бројката од 33 гола (плус 12 асистенции) сезонава во Ла лига (дава гол на секои 72 минути) и е на најдобар пат по шести пат во кариерата да ја освои „златната копачка“ наменета за најефикасниот фудбалер на Европа. Неговиот соиграч, Уругваецот Луис Суарез, кој го даде водечкиот гол за Барса, сезонава има постигнато 20 гола (плус шест асистенции).
Барса ја заслужи победата во која им помогна и напаѓачот на Атлетико, Диего Коста, кој ги загуби нервите и доби директен црвен картон во 28-та минута, откако се препираше и го пцуеше судијата.
Со оваа победа Каталонците имаат практично недостижна предност од 11 бода пред Атлетико, на седум кола до крајот во Ла лига и се на прагот на освојување нова титула, 26-та во клупската историја.
Таа титула, која е повеќе од извесна, ќе биде 10-та за Меси (за 15 сезони), како бројката на неговиот дрес, нешто што досега не му успеало на ниту еден играч на Барса. Во моментов, Меси и Андрес Иниеста имаат по девет титули, но по заминувањето на Шпанецот минатото лето, Аргентинецот има шанса да го надмине поранешниот соиграч и да стане првиот што освојува двоцифрен број титули, со што ќе влезе во ексклузивниот клуб.
Досега само пет фудбалери можат да се пофалат со 10 титули во домашна конкуренција во петте најсилни европски лиги, Англија, Шпанија, Италија, Германија и Франција. Тие петмина фудбалери играле за само две екипи, за Реал Мадрид и за Манчестер јунајтед. Во Шпанија, апсолутниот рекорд го држи Пако Генто, кој има освоено 12 титули со „кралевите“ во 50-тите и 60-тите години од минатиот век. Потоа следуваат Пири со 10, па Меси и Иниеста со по девет. Рекордот во петте лиги го држи Велшанецот Рајан Гигс, кој има освоено 13 титули со Манчестер јунајтед, по што следуваат двајца негови соиграчи од истата ера на „Олд Трафорд“, Пол Сколс и Гери Невил, со по 12 титули.
Меси и Барса сезонава имаат шанса за освојување три трофеи. Во Лигата на шампионите (ЛШ) во четврт-финалето се среќаваат со Манчестер јунајтед, а во шпанскиот „кралски“ Куп се пласираа во финалето, во кое противник ќе им биде Валенсија.
Баерн ѝ даде „петка“ на Борусија
Баерн е пред освојување нова, седма шампионска титула во низа, вкупно 29-та во клупската историја, откако во дербито на колото во Бундес-лигата, можеби и на шампионатот, пред своите навивачи во Минхен ја декласира Борусија Дортмунд победувајќи ја со 5-0. Баварците сега имаат бод предност на шест кола до крајот на првенството.
Полјакот Роберт Левандовски, стрелецот на два гола, стигна до бројката од 200 гола, на 284 првенствени меча. Поуспешен од него е само легендарниот напаѓач на Баварците, Герд Милер, дадени на 234 натпревари. Левандовски, пак, има дадено 15 гола на дуелите Баерн – Борусија (14 за Баерн, еден за Борусија), со што надмина Милер, кој има постигнато 14.
Јуве пред нова, осма титула во низа
Во италијанската Серија А, иако без повредениот Кристијано Роналдо, Јувентус го совлада Милан со 2-1 и е блиску до нова, осма титула во низа. На седум кола до крајот „старата дама“ има 83 бода, 19 повеќе од Наполи, кој синоќа дома играше со Џенова. Решавачкиот гол го постигна младиот Моис Кин (19), тоа е петти гол за него на последните пет меча за Јуве и за Италија.