Лазаре, стани (1)

А дури сега, во тешко време, кога нè налегнал мракот од сегде што го трупаат врз нас, ние Македонците тој Господов глас трансцедентално го читаме и како Македонијо, стани! И тоа е уште глас и за спасение на Општиот Човек, чија една половина е неговото целокупно минато, а друга целокупната иднина, гласот што ги собрал и дигнал како градителски кран над темелите на…

Големата Афирмација, двете стебла на Космичкото Дрво Стариот и Новиот завет, со она страшно Сè во нив, и уште со мртвата ќерка на Јаир, на која сега се сетив, легната како свила во одајата на една страница од Библијата под чаршафот на смртта, пред да влезе кај неа со Клучот на Животот Исус и да ѝ шепне на уво Талита Куми, Девојче стани. Исус оската на омниуниверзумот, негов стопан и стопан на раната што ја доби од нас а за наша среќа, за, како што рече Исаија, ние да бидеме излекувани со неа, рана поголема од Постоењето што извира од нејзината длабочина, која не може да ја собере во формула ни еден математички интеграл.

Потоа тука е и каменот на Павле пред да стане Исусов апостол што го фрли на Стефан, близнак со оној на старозаветниот Каин, ама и различен од него, оти откако ја нанесе смртната рана стана камен на покајание овенчувајќи се, боголик, поради тоа и со златен нимбус на светец што ги врти везден водениците и во бакнежите на љубовниците полни со жито од нивите на Јахве, каменот што беше испратен од Небото во Македонија и кој легна како темел на првата Христова црква на почвата на Европа во куќата на Лидија Македонката. Лидија чија свила од Таир сè уште ги покрива голите колена на Вавилонската блудница Европа. Таа која, како Ирод на децата витлеемски и на Јован Крстител, му ја пресече главата на нашето свето Име. Која ни по два милениуми и кусур не ги препозна светите инсигнии, Телото и Крвта на Исус како Леб и Вино за да се причести и очисти со нив од злото, да го истресе сатанскиот чаршаф од нејзината перверзна канибалистичка гозба и да влезе од мрак во светлина, од безбожништво во сојуз со Бог и Божественото.

За тоа, имено, иако отпрвин може не беше свесен, и го пречека Македонецот во Троада апостол Павле најревносниот Исусов следбеник, да се облагороди со знаците и духот таа развратна блудница, во Откровението на апостол Јован ѕверот што ја прогонува Жената со Сонце на челото, која бега во пустината за да се спаси од него и да го роди потоа во Витлеем Сонцето што ќе го огрее мракот на човештвото. Ѝ го подарија Македонците со Павле и Лидија на таа безбожничка цивилизација она што беше испратено од небото за неа, таа која, како што гледаме сега, за тоа ни враќа со камен што му го здроби темето на народот, кој, како што рече апостолот во Филипи и во Солун, е светилник и светлина во расипан свет, избран од почетокот за негово спасение. Но не и за свое. Мартирско, кое како благодарност и награда од неа го доби тој. Ни врати нам Вавилонската блудница со каменот на Каин, и сега нашиот крик, оплоден и проширен со страшната болка зад рабовите на просторот и вечноста, крвави прегрнат со музиката на сферите. Каменот полн со смрт и темница што легна како во свој дом на самото дно од отворената македонска рана. На ѓубриште ја фрли Европа крвта света на Авел.

Така сега уште еднаш којзнае по кој пат беше пак сурово заклана Љубовта, Новозаветното Слово, кое, храмолико, ѝ го испратија нејзе Павле и Лидија од Македонија, а тие го растргнаа како менадите Орфеј. А тоа што остана малку од Љубовта беше прогонувано, како што беа прогонувани и убивани старозаветните пророци и новозаветните апостоли, а потоа и Исус, Спасителот што беше претскажан од нив откако ја видоа во визија Големата Светлина во Витлеем осум столетија и кусур пред да се роди Тој. Го распнаа светото Слово Иродите со крвави раце без слух за химната на ридовите и планините што ја слават таа Светлина, како што нè известува екстатичниот Исаија, а и елегичниот Еремија, чии клетви, солзи и тажаленки ја оплакуваат судбината на неразбраниот човек што ја врти главата од денот кон ноќта и од Бог кон Сатаната. И тука е, да не ја заборавиме, а веќе спомната, и онаа инкантација на пророкот што ја откри најславната формула на постоењето, пославна и од онаа на Ајнштајн за материјата и светлината, раната на Исус од која извира и се обновува целокупниот живот, и нашиот во него, нашето златно Јас. И дури откако ќе се искапеме во неа и ќе го препливаме од едниот до другиот крај морето со име Постоење, или Судбина сеедно, како што го препливаа него трпеливо и храбро Македонците од брегот на Стариот до крајните брегови на Новиот завет, држејќи ги подмишка како свое и наследство на светот Сонцето и Името што сега крвнички им ги крадат, можеме да зборуваме за подвиг, дека со саможртва како Јагнето што го заклаа на Голгота сме ја спасиле и изнеле Љубовта низ светската ноќ, Логосот полн со злато и со пурпур како залезите и изгревите над Македонија, тешка Свадбена Ружа и Вино што сал венчаваат и сал пред олтар младоженците и породот го водат.

Така. И сè е тука. И по толку безброј Беласици ништо не е во кусок во општата трагедија и живот. Пак сме обновени ние од смртта, оти сè е повторно изброено во светиот математички интеграл и пак е на број во сончево трло нашето златоруно стадо и ѕвездите што ни ги крадеа лакомите соседи од небото над нас. Пак е тука, слеано на едно место виното на Стариот и Новиот завет во еден и ист пехар: Светиот грал. На Стариот темно и светло на дното. Истовремено и многу неразгатливо, како онаа кочија чудна на Езекиел чии тркала одат наеднаш на сите четири страни, ама не е мрдната од место, а е присутна сегде кај што престојува Бог. Вино чудно како целата онаа смеса од мрак и ѕвезди, кал и злато, глина и болка, од страшна тишина и океанска музика на хаосот низ кој се спровира пурпурниот конец на хармонијата, по кој како по небесен мост оди и пее Човекот товарен со прагревот како со архиизобилство. Од таа песна како од страшна грмотевица треперат сите живи створови и кон земјата го веднат челото гордо боровите. Треперат дури и ангелите во подножјето на господовиот престол. Тие што сепак пијат Новозаветно Вино од рајските бочви приготвено од винарот Исус.

И сето тоа е едно моќно бранување на морето на постоењето во толку нежното и како тенко стакло кршливо човечко срце што чука наспроти сè открај-накрај на вселената со звукот на првата експлозија на првиот атом од кого како зачудена птица излета, носејќи ги под крило небото и соѕвездијата од пурпур и од злато, меѓу нив и испустените македонски села. Големата космичка слика во која се вглобени како запци во запченик големите, планините и ридовите, морињата и океаните, ама и најситните нешта на создавањето: мравките, бубачките и пчелите-свештенички што го полнат везден со трансцедентален мед улиштето на Бог. Да. А тука, во сета врволица од микросозданија, како претставници на богатството на сиромаштијата, се и крилестите апостоли на Исус врапчињата, најдобро упатени во тајната на презимувањето и совладување на студот на светот, додека нивното како синапово зрно малечко срце, божем небесен мартир, чука открај накрај на бескрајот што се множи со сè нови и нови јата соѕвездија како потврда оти и по шестиот ден Бог сè уште работи на својот Опус мунди. Без разлика што со секоја новосоздадена ѕвезда на небото долу на земјата се отвора по еден гроб и по еден човек снесуваат во него како писмо и печат истовремено на судбината земна, таа горчлива пијачка од болка и од радост, од Постоењето, кое, исфрлено во бескрајот и вечноста со центрифугата на Господ, пак се враќа во средиштето во кое се вкрстени животот и смртта.

И тоа, како што заповеда Создателот, ќе трае сè до свршетокот на времето и светот кога човекот во гробот, завиткан како египетска мумија со чаршафот на смртта, несвесен дека е само светкавица, ружа од пепел но полна со оган, ќе пламне повторно со вечен живот допрен од прстот на Исус. Тогаш ќе екнат и трубите на ангелите, дувајќи ја правта од гревот во Едем и ослободувајќи му повторно пат на животодавниот поток што го влече по себе Светиот Дух низ глината, како тогаш на почетокот кога Бог во крв и плот ја преобрази неа. И во болка, оти таа крикна, фактот што не го предвиде Тој што сепак, иако знаеше сè, не можеше да ја разлачи неа од радоста во оживеаната материа прима, супстанцијата што не ја поседуваат ангелите на небо горе. Тие што само го облетуваа крстот на Голгота, но не минаа низ раната на Спасителот, ниту ја допреа неа.

Така. А која е сепак точно заповедта, светата инкантација што во златен печат во плик по поштата на Небото му ја испрати таткото на Синот додека беше сè уште мартир на Земјата тој? Беше тоа гласот грмотевица што буди сè, гласот космичка шифра: Лазаре, стани! А дури сега, во тешко време, кога нè налегнал мракот од сегде што го трупаат врз нас, ние Македонците тој Господов глас трансцедентално го читаме и како Македонијо, стани! И тоа е уште глас и за спасение на Општиот Човек, чија една половина е неговото целокупно минато, а друга целокупната иднина, гласот што ги собрал и дигнал како градителски кран над темелите на Новата Зграда на Постоењето не само мртвите туку сè уште неродените, оние кои штотуку се зачнуваат во бакнежот на љубовниците сега и во идните столетија. А во тој Господов синџир алка за алка, понекогаш несфатливо за нас, се држат рака за рака мртвите и живите. Таа смеса од мрак и ѕвезди, од болка и од радост на работ од Постоењето, а сепак никогаш што не се прелеала преку средиштето. Но, еве, грмнале трубите на ангелите, и светкавица е срцето и срцевината на сè, роза мистика што се отвора како феникс од пепелта во ноќта на белутракот и гори пурпурно запалена лично со кибритот на Светиот Дух.

(продолжува)