Шефот на либералите во Европскиот Парламент и одговорен за преговорите за брегзит во оваа институција, Ги Верхофштат ги повика британските парламентарци да гласаат за компромис со ЕУ.
– Брегзит не е лоша априлска шега, туку трагична реалност за сите наши граѓани и бизниси, сега е пет до дванаесет. Денеска парламентарците треба да изнајдат компромис и да го сопрат овој хаос. Вечерва, еднаш, гласајте „да“, наместо што цело време гласате „не“ – напиша Верхофштат на Твитер.
Британскиот Парламент денеска треба повторно да гласа за некаква алтернатива за излез од ќор-сокакот во кој се наоѓа откако трипати го отфрли договорот за излегување од ЕУ, но ги отфрли и сите други осум опции кои му беа понудени минатата недела.
Обединетото Кралство требаше да излезе од Унијата на 29-ти март, но ЕУ прифати да го одложи овој рок до 12-ти април за да и остави на премиерката Тереза Меј време да изнајде решение и да се избегне брегзит без договор, односно напуштање на Велика Британија без претходна спогодба, што би предизвикало сериозна економска и политичка нестабилност.
Премиерката Меј не ја исклучи можноста од четврто гласање за трипати отфрлениот компромис.
Европската Унија од своја страна се подготвува за вонредна средба на шефовите на држави и влади на ЕУ на 10-ти април. До тогаш, ЕУ се надева дека Британците ќе постигнат некаков договор. Тие би можеле да побараат уште едно подолго одлагање или да постигнат компромис за брегзит. Неофицијално, ЕУ очекува патоказ од Британците до осми април, за да може да се подготви вонредниот самит.
Во интервју за италијански медиуми, претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, предупреди дека ЕУ го губи трпение.
– Имавме многу трпение со нашите британски пријатели, но и трпението се троши. Би сакал за неколку часа или дена, Велика Британија да постигне договор за понатаму, досега знаеме што не сака британскиот Парламент, но не знаеме што прифаќа – истакна Јункер.