Стапката на невработеност во ЕУ во февруари 2019 изнесувала 6,5 отсто, што е најниско ниво во последните 19 години, односно откако се мери невработеноста во Унијата, објави Евростат.
На ниво на Еврозоната, февруарската стапката на невработеност е малку повисока и изнесува 7,8 отсто, што претставува пад во однос на истиот месец лани и е најниска од октомври 2008 година.
Најниска невработеност има Чешка од 1,9 отсто, а по неа следуваат Германија со 3,1 и Холандија со 3,4 проценти. Највисока стапка на невработеност во декември 2018 имале Италија со 10 отсто, Шпанија со 13,9 и Грција со 18 проценти. Сепак, и покрај се уште високата невработеност, Грција сепак бележи најзначајно намалување, од 20,8 отсто во декември 2017 на 18 отсто во декември 2018. Голем пад на невработеноста бележат и Кипар, Шпанија и Естонија.
Генерално невработеноста паѓа во сите земји членки на ЕУ, освен во Данска и Австрија каде стапката останува непроменета.
Според податоците на Евростат, стапката на невработеноста и натаму останува висока кај младото население под 25 години и продолжува да расте, иако и таа е во пад во однос на претходната година.
На ниво на ЕУ, во февруари над три милиони млади биле без работа, а од нив 2,3 милиони се во Еврозоната.
Најниска стапка на невработеност кај младите има во Германија со 5,6 отсто, Чешка со шест отсто и Холандија со 6,4 отсто, а највисока во Грција, Италија и Шпанија, сите над триесет отсто.