За пласман во финалето на ЛШ за жени, Барселона на Андонова ќе се сретне со Баерн, а втората полуфинална двојка е Лион – Челси
Македонската фудбалска репрезентативка Наташа Андонова со Барселона ќе игра во полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ) за жени откако шпанскиот тим и во реваншот од четврт-финалето го победи норвешкиот Квинер, овој пат на гости со 1-0. Во првата средба беше 3-0 за Барселона. Андонова настапи и на двата меча од четврт-финалето.
За пласман во финалето Барселона ќе игра против германскиот Баерн, кој во реваншот од четврт-финалето ја победи Славија Прага од Чешка, дома со 5-1 (првата средба заврши со реми, 1-1).
Мечевите од полуфиналето се на програмата во втората половина на април, а другата двојка ја сочинуваат актуелниот европски првак Лион од Франција, кој беше подобар од германскиот Волфсбург (вкупен резултат 6-3) во реприза на ланското финале, и Челси од Англија, кој го совлада францускиот Пари сен Жермен (3-2).
ЛШ за жени се игра од сезоната 2001/2002, а Лион е најуспешната екипа со пет титули (три во низа од 2016 година) и уште два настапа во финалето. Барселона, Баерн и Челси не биле европски прваци, ниту, пак, играле во финалето. Барселона беше полуфиналист и во сезоната 2016/2017, Баерн сезонава со пласманот во полуфиналето го направи најголемиот клупски успех, а Челси играше во полуфиналето и во минатата сезона.
Финалето сезонава е предвидено за 18 мај во Будимпешта.