Модерна јавна администрација насочена кон граѓаните, да се скрати времето на чекање за потребен документ, дигитализација на поголем број услуги, како и воведување електронски документи, се во фокусот на јавната дебата „Како до подостапни и поквалитетни услуги ориентирани кон граѓаните“, која се одржа вчера во Скопје.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски истакна дека заложбите на Министерството се да се создаде лесно достапна и професионална администрација, да се намалат редовите на чекање, фрустрациите од долгите бирократски процеси и да се скрати времето на одење од една до друга институција за да се добијат сите потребни услуги.
Посочи дека во 21 век, сепак, дигитализацијата на услугите е најдобриот начин за да се промени изгледот на јавната администрација, да се донесат услугите до граѓаните и конечно да имаме администрација што ќе биде сервис на граѓаните.
– Министерството работи на повеќе паралелни процеси што подразбираат модернизација на јавната администрација. Тоа го правиме со отворање на салата за услуги во Скопје. Понатаму, овој проект ќе се пренесе и во другите градови низ земјата со отворање на центрите за „Една точка за услуги“. Овие канцеларии ќе бидат место каде што граѓаните ќе можат да добиваат услуги од најмалку девет различни институции. Оваа година ќе ги отвориме центрите во Куманово, Тетово, Охрид и во Битола, а следната година во другите градови – посочи Манчевски.
Тој најави дека во следниот период ќе биде пуштен во употреба новиот национален портал за е-услуги, а тоа ќе значи дека граѓаните ќе можат само со неколку клика да добијат голем број услуги.
– За да биде можно ова, обезбедивме и законска основа. Владата ги усвои трите закони што овозможуваат документите на хартија да бидат заменети со електронски документи. Првпат во Северна Македонија електронскиот документ има еднаква важност како хартиениот. Во овој момент законите се во собраниска процедура и очекуваме до крајот на месецот да бидат усвоени – додаде Манчевски.
Ричард Малион од британската амбасада во Скопје истакна дека сѐ во нашиот живот е поврзано со услугите, а нивната дигитализација во голем дел го олеснува тоа, затоа што граѓаните имаат потреба од брзи услуги и со еден клик да можат да ги извадат потребните документи.
– Најважно и за граѓаните е да се штеди на време, тоа е единствено нешто што е бесценето во нашите животи – рече Малион.