Екстремисти убија најмалку 49 верници и ранија уште педесетина други во напади врз две џамии вчера за време на петочните молитви во Крајстчрч, Нов Зеланд. Масакрот предизвика глобална осуда на екстремизмот и тероризмот

Најмалку 49 лица се убиени и уште педесетина други се ранети во напади врз муслимани во две џамии вчера за време на петочните молитви во Крајстчрч, во најужасните масовни напади со огнено оружје во историјата на Нов Зеланд. Премиерката Џасинда Ардерн изјави дека станува збор за терористички напади и за еден од најмрачните денови во историјата на државата. Полицијата соопшти дека се деактивирани експлозивни направи во автомобили на напаѓачите и ги повика сите џамии во земјата да ги затворат своите врати и да бидат претпазливи.

Вкупно четири лица, три мажи и една жена, се уапсени во врска со нападите, при што еден од мажите подоцна бил ослободен, а полицијата утврдува како другите се поврзани со масакрот во џамијата „Ал нур“, каде што се убиени најмалку 41 лице, и во џамијата во Линвуд, каде што настрадаа уште седум лица. Уште една жртва подоцна во болница им подлегна на повредите.

Полицијата вчера не ги откри имињата на осомничените, но маж што себеси се идентификува како Брентон Тарант (28) од Австралија, вчера во живо на Фејсбук го пренесуваше нападот во една од џамиите. Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека масакрот е „ултрадесничарски екстремистички напад“ и посочи дека еден од извршителите е роден во Австралија, без да открие повеќе детали.

Степенот на тревога од закани е подигнат на највисоко ниво, а полицијата распореди припадници низ земјата и низ Крајстчрч, за кој, како што нагласува „Гардијан“, е познато дека има „активна улстрадесничарска супкултура“. Властите нагласија дека напаѓачите не им биле претходно познати на полициските и служби. Безбедноста е подигната пред сите хотели, знаменитости, државни институции и болници, бидејќи полицијата верувала дека напаѓачите планирале да ги нападнат жртвите од џамиите како што биле пренесувани во болница.

Крвавиот напад врз џамиите во Нов Зеланд предизвика низа реакции во целиот свет. Американскиот претседател Доналд Трамп им изрази сочувство на жртвите и на семејствата и нагласи дека САД стојат заедно со Нов Зеланд и дека се подготвени да понудат каква било помош. Слични пораки испратија и британската премиерка Тереза Меј, британското кралско семејство, како и папата Франциск. Пораки со сочувство и осуда за „сите облици на екстремизам“ упатија и германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.


„Видов како пука во девојче“

Сведок на убиствата во една од џамиите во Нов Зеланд за Си-ен-ен изјави дека видел како еден од напаѓачите стрелал во грбот на едно девојче.
– Возев камион кога покрај џамијата здогледав луѓе како лежат на земја. Застанав и кога излегов од камионот, слушнав рафали. Тогаш видов маж како бега со својата ќерка од три или четири години, која беше погодена во грбот. Викаше некој да ја однесе во болница, но итната помош не можеше да стигне бидејќи не беше безбедно, па јас ја ставив во камионот заедно со уште еден маж погоден во нога и ги однесов во болница – изјавил сведокот, кој одбил да биде идентификуван.
Други сведоци, пак, го опишуваат масакрот во џамијата „Ал нур“.
– Почна во главната соба. Јас бев во друга соба, па не видов кој пука, но видов луѓе како бегаат. Некои куцаа, а други имаа крв по телото. Видов и луѓе како паѓаат мртви на подот. Видов стотици чаури – вели Рамзан, кој нагласил дека пукањето траело околу пет-шест минути.


Крикет-тимот на Бангладеш се спасил за влакно

Крикет-тимот на Бангладеш се спасил за влакно од катастрофа откако слушнал истрели од нападнатата џамија „Ал нур“ во Крајстчрч, во чија близина требало да одигра натпревар.
Дописник на И-ес-пи-ен од Бангладеш, кој патувал со тимот, изјавил дека спортистите со својот автобус пристигнале до џамијата на петочни молитви, кога слушнале истрели и виделе луѓе како бегаат. Тие не излегле од автобусот, а по десет минути избегале од возилото и се скриле во соблекувалните на спортскиот центар во близината. Сите подоцна безбедно биле префрлени во нивниот хотел, јави Би-би-си.


Испишал српски имиња на оружјето и слушал српска музика

Брентон Тарант (28) од Австралија, напаѓачот што изврши масакр во една од џамиите во Нов Зеланд, на оружје на кирилица испишал и повеќе историски личности, како Милош Обилиќ и Стефан Лазар. На оружјето се испишани имиња на руски, германски и на други јазици од разни историски личности, а како што пренесуваат светски и српски медиуми станува збор кнезови, генерали и други војсководци од историјата што се бореле против муслимани, поточно турските османлии, иако некои и соработувале со нив. На една од снимките што Трент ги објавил на Фејсбук пред да го изврши нападот се гледа како маж се вози во автомобил и слуша српска песна во која се спомнува името на хашкиот осуденик Радован Караџиќ.
Тарант го пренесуваше во живо на својот профил на Фејсбук ужасниот напад во џамијата, а пред масакрот објави манифест, во кој ги наведува своите мотиви за убиствата. Документот, насловен „Големата замена“, на повеќе од 70 страници, изобилува со екстремистичка, ултрадесничарска, антимуслиманска и антидоселеничка идеологија. Во него пишува за геноцид и за создавање атмосфера на страв за муслиманите. Тарант, кој бил опседнат од бунтови против муслиманите, тврди дека би инспириран од норвешкиот екстремист Андерс Брејвик, кој уби 77 лица во Осло во 2011 година.
Тарант во документот тврди дека нападот го извршува како одмазда „за илјадниците европски животи одземени во терористички напади во Европа“, како и за „директно да го намали доселувањето во Европа“.
Авторот на манифестот за себе вели дека има европско потекло, јазик, култура, политички и филозофски убедувања, идентитет и крв. Тој тврди дека е „обичен белец од обично семејство“, кој решил да се побуни „за да ја осигури иднината на својот народ“. Тој открива дека неговите родители имаат шкотско, ирско и англиско потекло, а себеси се опишува како етнонационалист и фашист.
Тарант тврди дека нападот бил планиран две години и дека Нов Зеланд не бил првичната цел, како и дека локацијата во Крајстчрч била набљудувана три месеци, пренесува „Гардијан“.