Во историјата на ЛШ негативата од 0-2 од првиот меч во триумф ја претвориле Реал (со Волфсбург), Манчестер јунајтед (Олимпијакос и ПСЖ) Барселона (Милан), а 1-3 во пласман понатаму го претвориле Барселона (Челси), Челси (Наполи и ПСЖ), Баерн (Порто)…
Ќе успее ли Јувентус да ја надомести негативата од два гола од првиот осминафинален дуел во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) на гости против Атлетико (0-2) е прашањето на кое одговорот ќе го добиеме вечерва (почеток на мечот во 21 часот). „Старата дама“ ќе треба да одигра перфектен натпревар за да го елиминира одличниот тим на Атлетико, предводен од тренерот Диего Симеоне, во кој речиси и нема слаби точки.
Одбраната е една од најдобрите во Европа, на чело со голманот Јан Облак, Фелипе Луис, Диего Годин, Хозе Хименез и Хуан Фран. Ништо послаби не се ниту средниот ред со Коке, Саул Нигиез и Родри, како и напаѓачкото трио Алваро Мората, Антоан Гризман и Диего Коста (суспендиран е за овој меч).
Јувентус големи надежи полага во Кристијано Роналдо (34), кој не блескаше на првиот меч во Мадрид, но сезонава игра на стандардно високо ниво за што сведочат 21 постигнат гол сезонава во црно-белиот дрес. Роналдо има огромно искуство од ваквите дуели, одигра 167 меча во ЛШ од кои рекордни 29 осминафинални (и 20 гола), два повеќе од Икер Касилјас и од Лионел Меси. Зад него се и четирите титули првак на Европа со Реал Мадрид, како и 22-та гола на 32-та дуела против Атлетико во дресот на Реал.
Двата тима играа во финалето на ЛШ по двапати во последните пет сезони, но не освоија ниту една титула. Атлетико двапати загуби од Реал Мадрид, во 2014 и 2016, а Јувентус од Барселона во 2015-та и од Реал Мадрид во 2017 година.
Но дека Јувентус не е без шанси и има на што да се надева најсвеж пример е Манчестер јунајтед кого многумина го прежалија по првиот меч дома со ПСЖ што го загубија со 0-2. Но во реваншот Јунајтед направи вистинско чудо славеше со 3-1 и се пласира во четврт-финалето.
Во историјата на ЛШ има уште неколку слични примери, негативата од 0-2 од првиот меч да се претвори во триумф од три и повеќе гола. Во четврт-финалето во сезоната 2015/2016, Реал Мадрид загуби на гости од Волфсбург со 0-2, но во реваншот победи со 3-0. Идентичен исход имаше и дуелот Олимпијакос – Манчестер јунајтед во осминафиналето во 2013/2014 (0-2 и 3-0). Една сезона претходно, во 2012/2013 во осминафиналето, Милан ја совлада Барса со 2-0, но во реваншот Каталонците возвратија со 4-0.
Во четири наврати победата со 3-1 дома не беше доволна за понатамошен прогрес. Тоа им се случи на Челси против Барса (3-1 и 1-5) во четврт-финалето во сезоната 1999/2000, на Наполи против Челси (3-1, 1-4) во осминафиналето 2011/2012, на ПСЖ против Челси (3-1, 0-2) во четврт-финалето 2013/2014 и на Порто против Баерн (3-1 и 1-6) во четврт-финалето во сезоната 2014/2015. Два гола позитива не успеа да зачува ниту Реал Мадрид, во четвртфиналната пресметка со Монако (4-2 и 1-3) во сезоната 2003/2004.
Утре на програмата се и двојките Баерн – Ливерпул и Барселона – Лион (во двата случаја првите мечеви завршија без победник и без голови). Од минатата недела во четврт-финалето веќе се пласираа Манчестер јунајтед, Тотенхем, Ајакс и Порто. Ждрепката за четврт-финалето и за полуфиналето ќе биде влечена в петок.