Петте пожари кои избувнаа во кичевијата претходната недела целосно се изгаснати, а последниот кој се појави во текот на вчерашниот ден кај село Поповјани е ликвидиран и сите огнени жаришта повеќе не претставуваат закана. Но одговорните будно ја следат состојбата на терен, од причина што населението не се придржува кон упатствата да не се палат стрништа и огнови на отворен простор поради сушата и ветерот.

– Во периодот кога вообичаено се бележат најмал број на пожари, годинава состојбата е сосема спротивна и, само во три дена во нашиот регион избувнаа пожари на пет локации од кои два со голем опсег. Најпрво беа изгаснати пожарите кај селата Гарани и Колибари, потоа на Туинска планина и последните два се ликвидирани изминативе два дена, а тоа беа пожарите кај селата Брждани, каде што беше опожарена борова шума со површина од еден хектар и кај село Поповјани, каде што гореа стрништа и сува трева. Будно ја следиме состојбата и уште еднаш апелираме до населението да не се палат огнови на отворен простор – апелира Горан Соколески од ТППЕ Кичево.

Штетите од пожарите дополнително ќе се утврдуваат.

З.А.