Од денеска до 14 март во кафулето „Котур“ ќе се одржи „Филмска азбука – Милчо Манчевски“ – недела посветена на творештвото на македонскиот режисер Милчо Манчевски. Во текот на седумте дена ќе бидат прикажани 5 долгометражни филма и 2 кратки филма на Манчевски. Покрај тоа ќе биде поставена и изложба на постери од филмовите, работни скици, интервјуа, критики и писма, кои ќе го прикажат процесот на работа на еден современ македонски, но и светски режисер.
Отворањето е вечерва, со почеток во 20 часот, со проекција на филмот „Бикини Мун“, по што присутните ќе ја имаат честа да уживаат во музичката селекција на Милчо. За следните денови е планирано прикажување на филмовите „Мајки“, „Сенки“, „Крајот на времето“ (краткометражен), „Прашина“, а на последниот ден, на 14 март, ќе бидат прикажани краткиот „Четврток“ и „Пред дождот“.