Рашфорд погодува за победа на „бебињата“

Манчестер јунајтед го елиминира ПСЖ, а Порто ја совлада Рома, по што овие два тима им се придружија на Ајакс и на Тотенхем во четврт-финалето на ЛШ. На двата меча имаше одлуки донесени со помош на ВАР, кои предизвикаа различни коментари

Манчестер јунајтед направи вистински подвиг, го победи ПСЖ на гости со 3-1, ја анулира негативата од 0-2 од првиот меч на „Олд трафорд“ и се пласира во четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ), со предност според правилото што нема да важи од идната сезона, за повеќе голови постигнати на гости во случај на вкупен нерешен резултат.

Првпат во историјата на ЛШ еден клуб успеа да надомести пораз од 0-2 на првиот меч одигран дома и да се пласира понатаму. Пласман меѓу најдобрите осум тима обезбеди и Порто, кој на домашен терен триумфира над Рома со идентични 3-1 (во првиот меч Рома победи со 2-1). Во вторникот во четврт-финалето се пласираа и Ајакс и Тотенхем, а идната недела се дуелите Јувентус – Атлетико (прв меч 0-2), Манчестер сити – Шалке (3-2), Барселона – Лион (0-0) и Баерн – Ливерпул (0-0).

На натпреварите во Париз и во Порто имаше многу возбудувања, неизвесност и две ситуации од крајот на мечевите што ги решија победниците и во кои беше инволвирана технологијата видеоасистент-судија (ВАР), која во ЛШ почна да се применува сезонава, токму од осминафиналето.

На мечот во Париз, во 94-та минута, по шутот на Диого Далот, топката го удри во рака Преснел Кимпембе, по што судијата, Словенецот Дамир Скомина, прво досуди корнер, но по прегледот на снимката досуди пенал за Јунајтед, кој Маркус Рашфорд го претвори во победоносен гол. Разбирливо, по мечот следуваа различни коментари од поранешни врвни судии и фудбалери за тоа дали бил пенал или не. Тренерот на ПСЖ, Германецот Томас Тухел, беше категоричен дека не станува збор за најстрога казна, бидејќи, според него, „топката не одеше во голот и сигурно ќе завршеше над пречката. Ситуацијата е 50-50, но разочарувачки е што се досудува пенал кога не се спречува топката да заврши во голот, не гледам никаква логика“.

Нејмар на Инстаграм го нарече „срамота“ досудениот пенал, за што одлучувале „четири момчиња што седнати пред ТВ-екраните гледаат забавени снимки“.

Во Порто имаше речиси идентична ситуација. Во продолжението, во 117-та минута, Алесандро Флоренци го турна (барем така изгледа на снимката) Фернандо во 16-те метри на Рома, при една нафрлена топка по земја. Турскиот судија Чунет Чакир по прегледот на снимката покажа изведување удар од белата точка, кој Телес го претвори во гол, за 3-1.

Во вторникот на мечот Реал – Ајакс (1-4) исто така имаше една спорна ситуација, за што се бараше помош од ВАР. Стануваше збор за тоа дали топката излегла во аут или не (околу центарот на игралиштето), пред постигнувањето на третиот гол за Ајакс, на Душан Тадиќ, за 3-0.

Контролор на мечот во Мадрид беше Македонецот Емил Божиновски, кој е и претседател на Судиската комисија при ФФМ и комесар за делегирање на судиите. Според него, досегашното кратко искуство со ВАР во ЛШ е позитивно, иако има некои ситни работи што треба да се поправаат во иднина.

– На сите нам, секако и на клубовите, ни е јасно дека нема безгрешни судии, опрема и друго со што 100-отстотно би се елиминирале спорните ситуации. Но со ВАР судиите се посигурни, се избегнуваат погрешните одлуки што директно би влијаеле на крајниот исход на мечот. Во Мадрид беше утврдено дека топката не излегла во аут, судиите ја добија нашата поддршка, згора, пред да се постигне голот, имаше уште неколку додавања. Мал пропуст на кој во иднина ќе треба да се поработи е да се скрати времето на донесување на одлуките, а не да поминуваат минути, при што се создава непотребна нервоза, меѓу играчите, на теренот и на резервната клупа, кај гледачите на трибините, па и кај оние пред ТВ-екраните – вели Божиновски. 


Јовановски: Една од најдобрите работи што му се случиле на фудбалот

Поранешниот истакнат фудбалер на скопски Вардар и на белградска Црвена звезда, селектор на Македонија и тренер на повеќе македонски и странски клубови, Ѓоре Јовановски, има само пофални зборови за ВАР.
– За мене тоа е една од најдобрите работи што последниве години му се имаат случено на фудбалот. Со него се намалуваат грешките на судиите, со тоа и клубовите, особено, условно кажано, помалите, нема (не)намерно да бидат оштетени, како што често се случувало во минатото. За конкретните ситуации, на мечевите ПСЖ – Манчестер јунајтед и Порто – Рома, мислам дека одлуките на судиите се апсолутно исправни. Удар на гол, топката завршува во рака на одбранбен играч, тоа е чист пенал. Во Порто, исто така, има туркање, влечење, судијата може и да го превиди тоа, човек е, нели, затоа е технологијата, ВАР да му помогне – вели Јовановски. 


Христов: ВАР е одличен, оти на крајот правдата е задоволена

Во полза на ВАР зборува и некогашниот фудбалски репрезентативец и интернационалец во Англија, Холандија…, Ѓорѓи Христов, кој сега е директор на фудбалската академија на Вардар.
– Беше пенал, штом судијата го досуди. Генерално ВАР е одлична работа, од едноставна причина што на крајот правдата е задоволена. Колку пати сме биле во нешто сигурни, но кога ќе видиме преглед на снимка се покажувало дека погрешно сме мислеле. ВАР е одличен, со сите фалинки, бидејќи знаеме дека намерни и ненамерни грешки многу често одлучувале за титули, испаѓања… Колку и да чини, тој систем веројатно е мал дел од сите вложувања, а е едно од главните нешта што прават фудбалот да биде фер. Со него и играчите не вршат притисок врз судиите и судиите полесно судат – вели Христов.
Слично размислува и Виктор Треневски, и тој некогашен македонски репрезентативец, сега тренер во Црна Гора.
– ВАР го оценувам како неминовност во фудбалот и голема поддршка на судиите. Имаше игра со рака и, според тоа, помалку погреши што го досуди – вели Треневски. Г.М.