И жителите на Карпош ќе добиваат субвенции за купување велосипеди. Советниците на општината Карпош ја изгласаа предлог-одлуката за давање согласност за распишување јавен оглас и спроведување постапка за одобрување на субвенциите. Според оваа одлука ќе се субвенционира максимален износ од три илјади денари, сума што ќе претставува финансиска помош за купување нов велосипед по принципот „прв пријавен, прв услужен“. На деветтата седница на Советот на општината Карпош, советниците од оваа локална самоуправа изгласаа повеќе важни одлуки за граѓаните од овој дел од градот.
Градоначалникот на општината Карпош, Стефан Богоев, истакна дека досега има голем интерес за субвенции за велосипеди и нагласи дека по исцрпувањето на предвидените финансиски средства од буџетот на општината, со негов ребаланс, ќе се обезбедат нови финансии за продолжување на оваа практика и во иднина. Целта на спроведувањето на овој проект е да се поттикне користењето велосипед од страна на жителите на Карпош, а со тоа се придонесува за заштита на животната средина и се намалува загадувањето. Претходно, градот Скопје и општината Центар исто така најавија дека ќе субвенционираат купување велосипеди.
На седницата е изгласана и одлуката за бесплатни ужини на учениците од прво до петто одделение за учебната 2017/2018 година, како и учебната 2018/2019 година и бесплатен излет за учениците од прво до седмо одделение за учебната 2017/2018 година и од прво до осмо одделение за 2018/2019 година. Советот изгласа и одлука за доделување финансиски средства, односно награди на 10 ученици полуматуранти-првенци на генерацијата во основните општински училишта на територијата на општината Карпош. Оваа скопска општина ќе издвојува средства и финансиски ќе ги поддржува годинава и спортските клубови на својата територија.
Советниците ги одобрија и годишните планови за вработување за 2019 година во четирите детски градинки во Карпош: „Мајски цвет“, „Распеана младост“, „Орце Николов“ и „Пролет“. Освен во градинките, на седницата поминаа и предлог-одлуките за давање согласност на годишен план за вработување во 2019 година во основите општински училишта: „Владо Тасевски“, „Петар Поп Арсов“, „Јан Амос Коменски“, „Димо Хаџи-Димов“, „Аврам Писевски“, „Христијан Тодоровски-Карпош“, „Војдан Чернодрински“, „Братство“, „Вера Циривири-Трена“, како и за училиштето „Лазо Трповски“.