Австриските и германските власти денеска на СП во нордиско скијање во Зефелд, спроведоа координирана акција против меѓународна допинг мрежа.

Извршен е претрес на 16 куќи и уапсени се 9 лица, а меѓу нив се наоѓаат и двајца австриски репрезентативци и еден германски лекар.

Вкупно се уапсени пет спортисти, меѓу кои има репрезентативци на Казахстан и Естонија.

Претресот и апсењата се спроведени по налог на Обвинителствата во Минхен и Инсбрук.

По меѓународна истрага поради користење на недозволени средства и методи со цел допинг, полицијата откри криминална организација која ја водел 40-годишен лекар од Германија.

Криминалната група е осомничена дека со години спроведува крвен допинг.

Скијачкиот сојуз на Австрија веќе еднаш беше во центарот на голем допинг скандал во 2006 година на Олимписките игри во Торино.