Одлуката на албанските опозициски пратеници за откажување од мандатите ја поткопува европската перспектива на Албанија, изјави денеска портпаролката на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, Маја Коцијанчич.
– Одлуката за откажување од мандатите го попречува функционирањето на демократијата во Албанија, затоа што Парламентот е местото каде треба да се дискутира за развојот и реформите, а не да се бојкотира. Затоа одлуката се смета за контрапродуктивна и спротивна на демократскиот избор на албанските граѓани и го поткопува напредокот на патот кон ЕУ. Очекуваме од пратеници да ги бранат своите идеи и принципите на демократијата и да продолжат да служат во Парламентот- изјави Коцијанчич.
Албанските опозициски пратеници пред неколку дена се откажаа од пратеничките мандати и ја бојкотираат работата на Парламентот, со барање за оставка на владата на премиерот Еди Рама и спроведување фер и демокртаски избори.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Европската комисија соопшти дека го поддржува правото на протест на албанските граѓани, но побара воздржување од насилство и насилна реторика.
– Могерини и (еврокомесарот за проширување Јоханес) Хан минатата недела потврдија дека во однос на протестите, граѓаните имаат право да демонстрираат на мирен начин, но истовремено тие ја критикуваат секоја реторика на политичките лидери со повици за насилство што ги слушнавме- изјави Коцијанчич.
Портпаролката потсети дека владеењето на правото останува централен услов за Албанија, како и за сите други земји од регионот, но одби да ги споредува состојбите и протестите на опозициските партии во другите земји од регионот.
– Пораката што ја испраќаме до сите земји на Западниот Балкан е дека регионот има многу јасна европска перспектива која може да стане реалност само ако има реформи, тоа мора да биде фокусот, ние го зголемивме нашиот ангажман во регионот и тој останува фокусот на нашата работа- нагласи Коцијанчич.
Таа не сакаше да потврди дека се одложени годишните извештаи за земјите и рече дека “ќе бидат објавени напролет“, без повеќе детали за точниот датум.
Станува сѐ поизвесно дека европските земји и институции ќе ги објават извештаите за напредокот на земјите кандидати за членство по изборите за Европскиот парламент, односно, најверојатно, на почетокот на јуни, а не во април како што се очекуваше.
Албанија и Македонија треба во јуни да добијат потврда за почеток на преговори со ЕУ, како што им беше ветено лани доколку ги исполнат сите поставени предуслови.