Таткото на Хода Мутана од американската сојузна држава Алабама, која претходно се приклучи на Исламската држава (ИД), поднесе тужба против американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација, поради забраната за враќање на Мутана во САД, пренесува „Гардијан“.
Случајот на Мутана го привлече вниманието на медиумите откако таа поднесе барање да се врати во САД заедно со нејзиниот осумнаесетмесечен син, изјавувајќи дека се кае за одлуката да се приклучи на ИД кога имала 19 години.
– Бев многу млада и наивна кога решив да заминам. Се надевам дека Америка верува и во втора шанса. Сакам да се вратам во САД и никогаш повеќе да не одам во Блискиот Исток – изјави Мутана.
Нејзиниот татко, Ахмет Али Мутана, ја поднесе тужбата во Вашингтон, во која бара судски олеснувања поради тоа што власта неуставно им го одзела правото на граѓани на САД, информира Си-ен-ен.
Доналд Трамп на неговиот твитер-профил претходно сподели дека побарал од државниот секретар Мајк Помпео да не го одобри враќањето на Мутана во САД, на што Попмео целосно се согласил.
– Г-ѓа Мутана повеќе не е државјанка на САД и нема да ѝ биде дозволено да се врати. Таа нема важечки пасош, ниту право на пасош или виза – пишува во изјавата на Помпео.
На Хода Мутана пасошот ѝ бил издаден кога била дете. Иако аплицирала за нов пасош пред да замине за Сирија, откако се приклучила на Исламската држава, нејзиното барање било одбиено.
– Државјанството е право според Уставот и не би требало да биде укинато на овој начин – се наведува во изјавата од Центарот за уставно право за муслиманите во Америка, објавена на Твитер.
Според тужбата, доколку ѝ биде дозволено да се врати во САД, Мутана е подготвена да одговава на обвиненијата кои Министерството за правда би ги одредило за соодветни.
– Времето кое го поминав во Сирија ме промени. Ме променија начинот на живот и ужасните последици од војната. Крвопролевањето ме промени. Тоа што гледав како моите пријатели, деца, и мојот сопруг умираат пред мои очи ме промени – вели Мутана.
Наводно, Мутана била во три брака за време на четирите години додека била во ИД. Од нив, најмалку двајца сопрузи биле убиени. Во нејзина изјава за Си-ен-ен, таа вели дека била наивна и арогантна кога ја напуштила Алабама за да замине во Сирија и да се приклучи на ИД.