Советот на општина Гостивар одржа комеморативна седница на која присуствуваа покрај градоначалникот Арбен Таравари присуствуваа и премиерот Зоран Заев, претседателот Ѓорѓи Иванов, министри, пратеници и други личности од општествено-политичкиот живот.

На почетокот на седницата, претседателот на советот на општината, Насир Муслиу прогласи тридневна жалост на општинско ниво и отвори книга на жалост.

Премиерот Заев искажа жалење за загубените животи во сообраќајната несреќа и најави дека лично ќе се заложи за ублажуавње на последиците и целосно расветлување на колностите кои доведоа до трагедијата.

– Свесен сум дека зборовите сега не можат да допрат до душата која жали. Драги пријатели и сограѓани, човекот, додека има луѓе околу себе, не е сосема сам. И дојдов да ви кажам, дека загубата е ненадоместлива, но не сте сами и нема да ве оставиме сами. Духовно сме со вас, а ќе бидеме со вас и во иднина. Преземаме обврска да помогнеме на семејствата со возможното и за тоа лично ќе се заложам. Исто така, како Влада и како надлежни органи, ве уверувам дека ќе сториме сé, да ги расветлиме причините за трагичната несреќа – рече Заев.

Гостиварскиот градоначалник Таравари пред обраќањето побара од присутните во салата да се оддаде почит со едно минутно молчење по што искажа благодарност до сите кои помогнале да се намалат последиците од несреќата за која рече дека е најстрашното искушение во историјата на Гостивар.

– Им благодарам на сите државни институции и приватни субјекти кои искажаа подготвеност да ни помогнат. Им благодарам на сите граѓани кои помогнаа херојски спасувајќи голем број патници. Денес Македонија е завиена во црно – истакна Таравари.

Претседателот Горѓе Иванов трагичниот настан го оцени како тажен ден за Македонија.

– Нека биде поука да бидеме сплотени, да се почитуваме, и секој пат да си укажуваме на вакви моменти поддршка, затоа што животот е краток, многу брзо проаѓа.Изразувам најдлабоки сочувства до семејствата, до пријателите, до блиските, до општината, до државата – кажа претседателот Иванов.

Претседателот денеска во Гостивар ги посети семејствата Трпевски, Узеири и Исмаили, чиишто членови се меѓу загинатите патници во вчерашната автобуска несреќа и на семејствата и на блиските на загинатите им изрази најдлабоко сочувство за претрпената загуба.

Премиерот Заев придружуван од партиските соработници беше во домот на пратеникот Благојче Трпески, чиј син Јовица загина во сообраќајната несреќа.

Комеморативна седница одржа и советот на соседната општина Врапчиште од каде потекнуваат тројца загинати.

Во Гостивар денес ќе бидат погребани три лица, а според најавите останатите во текот на утрешниот ден.

Во книгата на жалоста меѓу првите се запишаа претседателот на државата Ивано, премиерот Заев вицепремиерите, Спасовски и Османи и министрите, Филипче и Фазлиу.

Во Гостивар се откажани сите манифестации и прослави закажани за претстојниот викенд. Настапите ги откажа и кошаркарскиот клуб КК Гостивар во сите категории. 


Владина делегација на комеморативна седница во Општина Врапчиште

Владина делегациија составена од министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, за транспорт и врски, Горан Сугарески и Зорица Апостолска, министер без ресор задолжена за странски инвестиции, денеска присуствуваше на комеморативна седница во Општина Врапчиште за загинатите во вчерашната сообраќајна несреќа, што се случи во близина на село Ласкарци, на автопатот Скопје-Тетово.

– Примете искрено сочувство за загинатите од име на Владата и од мое лично име. Нека почиваат во мир. Длабоко сочувствуваме со вашата болка и голема загуба. Земјата е во тага, ова е голема трагедија за целата наша држава. Ќе направиме се што е можно, да ги поддржиме сите семејства на загинатите сограѓани. Грижата нема да ги замени тагата и болката, но поддршката е потребна за да продолжите понатаму. Тоа е почит кон починатите и наша заложба да ви помогнеме вам, нивните семејства – им порача Николовски на семејствата на загинатите и посакувајќи што поскоро опоравување на повредените.

Во несреќата што се случи вчера на автопатот Скопје -Тетово загинаа 14 лица, а 37 се повредени. Двајца од починатите и тројца од повредените во сообраќајната несреќа се од Општина Врапчиште.

– Со жалост ја примив веста за трагичниот настан што се случи вчера. Дел од патниците се и граѓани од нашата општина. На повредените им посакувам здравје, а на фамилиите на загинатите им пренесувам сочувство од мое име, од име општинската администрација, од Советот и сите граѓани на Општина Врапчишт – рече на комеморацијката градоначалникот на Општина Врапчиште, Исен Шабани.