Државните парламентарци остро се спротивставиле на ставот на Агенцијата за заштита на лични податоци во Босна и Херцеговина, која донела оцена дека е неприфатлива проверката на сите дипломи на вработените во Секретаријатот на Парламентарното собрание на БиХ. Иницијативата за проверка на дипломите била поднесена од Кенан Вехабовиќ, секретар на Заедничките служби на ПС на БиХ.
Пратеникот од СДСП, Зукан Хелез, е согласен со ставот да се отвори расправа за оваа тема, но притоа да се почитува Законот за заштита на личните податоци.
– Не може Агенцијата за заштита на личните податоци да се стави над државата и парламентот. Може да се направи интерна проверка, но за тоа да не се излегува во јавноста со лични податоци на поединци што се вработени во Секретаријатот – вели Хелез за „Дневни аваз“.
Едита Џапо, претседателката на мешовитиот клуб на СББ-ПДА во Претставничкиот дом, очекува дека процесот на проверка на дипломите ќе се спроведе на сите нивоа на власта.
Генерализирањето и доведувањето под сомневање на сите јавни документи на овој начин се штетни и за јавниот интерес, затоа што со вакво постапување се нарушува правната сигурност, се наведува во мислењето што е издадено од Агенцијата за заштита на личните податоци.
Во Агенцијата нагласуваат дека не се против проверка на дипломите, но тоа да се прави на законски начин и во случаи доколку постои конкретно сомневање за фалсификат или за некоја незаконитост. Оттаму забележуваат дека претходната проверка за веродостојноста на дипломите требало да се направи пред приемот на работното место.
Службата за безбедност СИПА до обвинителството на Унско-санската жупанија предаде кривична пријава за петмина од вкупно девет лица што се опфатени во акцијата „Печат“, а кои се осомничени за фалсификување дипломи и свидетелства.
При претресот се пронајдени и одземени 12 дипломи за завршено средно образование, 12 свидетелства за завршена година во средно образование, две оригинални дипломи од вишото деловно училиште и четири уверенија за завршено основно образование.