Со допис до ОН, новото име ќе се побара да го употребуваат над 130-те земји што досега ја признаа државата како Република Македонија. За експертите, во прашање е техничка процедура, иако некои работи не се докрај разјаснети, односно нејасно е дали промената на терминот ќе се случи веднаш или ќе се чека одлуката на надлежните тела и органи во меѓународните институции. Во меѓувреме, за денес е најавена церемонија пред Владата на која се очекува да се официјализира новото име во согласност со Преспанскиот договор.
Откако Грција го ратификува Протоколот за членство на Македонија во НАТО, она што засега е официјално потврдено е дека од Атина уште вчера требаше да испрати вербална нота, со која Грција ќе информира дека ги ратификувала договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО. Како што информира грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос, со тоа ќе почнат да течат роковите за воведување на новото уставно име на сите меѓународни форуми, во сите меѓународни организации, во билатералните односи, но и внатрешно. Потоа, според Преспанскиот договор, Владата со писмо треба да ги извести сите меѓународни организации и форуми и земји-членки на Обединетите нации дека Република Македонија од тој момент е Република Северна Македонија. Новото име ќе се побара да го употребуваат и над 130-те земји што ја признаа државата под досегашното уставно име, па, така, ако се остварат најавите на првиот човек на грчкиот парламент Никос Вуцис, уште од утре секаде и сите ќе треба да ѝ се обраќаат на земјава со новото име.
Сето ова наметнува низа дилеми во домашната стручна јавност како впрочем технички ќе се спроведува таканареченото репризнавање на Република Македонија во меѓународните води. Кои се правилата и процедури во ООН што ќе треба да ги запазиме при менувањето на името во таа организација и на другите места, но и тоа дали е можно земјава да наиде на проблем во билатералните односи со други земји, кои, и покрај нашиот допис до нив дека сме Северна Македонија, нема да ни се обраќаат со новото уставно име? Иако побаравме одговор од македонското министерство за надворешни работи дали очекува технички или какви било проблеми на надворешен план во врска со преименувањето, до затворањето на весникот не добивме одговор од ресорното министерство. Претходно, македонското МНР информира што ќе следува откако ќе се исполнат сите правни услови за стапување во сила на конечната спогодба и уставните амандмани.
– Владата ќе го објави во „Службен весник“ датумот на стапување во сила на уставните амандмани и уставниот закон. Потоа, Република Северна Македонија и Грција ќе достават заедничко писмо до генералниот секретар на ООН, со кое ќе го информираат Антонио Гутереш за датумот на стапување во сила на конечната спогодба, со што ќе се стави крај на повеќедеценискиот билатерален спор меѓу двете земји. По ова, Република Северна Македонија на соодветен начин ги информира Секретаријатот на ООН, земјите-членки, земјите-набљудувачи на ООН, како и сите други меѓународни организации чија членка е, за настанатите промени – информира МНР, со назнака дека „сето ова се очекува да се случи во следните неколку дена“, за што јавноста ќе биде информирана.
За поранешниот дипломат и амбасадор Ристо Никовски периодот што следува во однос на имплементацијата на договорот со Грција на надворешен план ќе биде чисто спроведување техничка процедура.
– По нашата капитулација, реализирано преку договорот со Грција, сѐ друго е техника. Срамно и понижувачки. Ние ќе ги известуваме сите оние држави што собраа сили да нѐ признаат под уставното име и да им се спротивстават на Грција и САД дека тој нивни крајно пријателски исчекор бил залуден. Ниедна од сите тие земји нема никаква основа ниту логика да го оспори нашето саможртвување. Тоа важи и за Советот за безбедност, каде што, меѓутоа, може да има и одредени рефлексии доколку Русија навистина го отвори прашањето, врз основа на резолуцијата 845/93, со прашање на кој начин е затворен проблемот – вели Никовски.
Со овој став на Владата делумно се согласува и универзитетскиот професор Игор Јанев, кој во изјава за „Нова Македонија“ вели дека не постои можност Русија да го блокира договорот во СБ на ООН, бидејќи проблемот не е безбедносен, а исто така резолуциите 817 и 845 не се безбедносни резолуции.
– Ми се чини дека Русите претераа, иако сакаат да помогнат. И, еве, да кажеме ќе дојде на дневен ред извештај од генералниот секретар за спогодбата. Внимавајте, со отфрлање или неусвојување на овој извештај од генералниот секретар не се донесува каква било одлука во врска со спогодбата од Мала Преспа. Дури и да се отфрли, договорот може да се регистрира во секретаријатот на ООН и веднаш има правно дејство – вели Јанев.
Професорот Јанев објаснува дека треба да се сфати дека ќе мора да се поднесе резолуција на Генералното собрание на ОН, со која референцата ПЈРМ ќе биде сменета во уставното име Република Македонија односно (Северна). Ова може да се направи со директна резолуција, која во Генералното собрание на ОН ќе ја смени референцата БЈРМ во уставното име Република Македонија, односно новото Северна Македонија.
Инаку, Европската комисија се подготвува за неколку дена да почне да го користи новото име „Република Северна Македонија“, откако ќе завршат сите предвидени процедури помеѓу Скопје и Атина за да стапи во сила употребата на новото име во европските институции. Македонија сега треба да ги извести Обединетите нации и сите меѓународни и регионални организации дека Преспанскиот договор стапи во сила и да побара од нив да го користат терминот „Северна Македонија“. Според дипломатски извори, Европската комисија очекува известување од Скопје до среда оваа недела, паралелно со известувањето до ОН. Меѓутоа, некои работи не се докрај разјаснети, информираат во ЕК, односно нејасно е дали промената на терминот ќе се случи веднаш или дали ќе се чека одлуката на Колеџот на комесари или, пак, на Советот за надворешни работи на ЕУ, предвиден на 18 февруари, каде што во заклучоците би можело да биде усвоена официјално употребата на новото име од страна на министрите за надворешни работи на ЕУ. Во меѓувреме и во советот и во комисијата се работи на утврдување на процедурите, информираат од овие институции.
Ноќна интервенција на фасадата на Владата
Владата во неделата ноќта спроти понеделникот ја отстрани таблата од фасадата со натписот „Влада на Република Македонија“. Дека го нема стариот назив јавноста дозна вчераутро, кога фасадата осамна без старата табла. Од Владата не појаснија зошто на овој начин е отстранет стариот назив.
Оттаму само информираа дека натписот бил отстранет затоа што во текот на денот ќе се организирала церемонија пред платото на Владата со подигнување на знамето на НАТО. Засега нема информации кои институции, по Владата, ќе го впишат новото име, но сè поизвесно е дека Собранието, Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана ќе бидат следните институции што ќе ги заменат старите табли со нови, на кои на ќе биде впишано името Република Северна Македонија. Инаку, денеска, со почеток во 11 часот, пред платото на Владата ќе се одржи свечена церемонија по повод подигнување на знамето на НАТО пред Владата на Република Македонија, која наскоро ќе го носи името Република Северна Македонија, најавија од владината прес-служба. Од Владата најавуваат дека во склоп на настанот, претседателот на Владата, Зоран Заев, ќе има свое обраќање пред платото на Владата. Екипа на нашиот весник во текот на вчерашниот ден ги обиколи повеќето министерства и државни институции, на кои и понатаму стоеја старите табли. Бевме и на граничниот премин Богородица, каде што иако беше видлива раздвиженоста, до затворањето на весникот сѐ уште немаше поставување нови табли со сменето име.