Македонија и Венецуела можеби се различни и далечни земји, но нивните судбини во моментот се слични по многу нешта. Двете земји се исправени пред големи промени. Двете се во фокусот на светските медиуми и на големите сили. И за двете се пласираат разни успешни или мрачни приказни и се нудат разни решенија. Звучи познато? Се разбира. Е, сега, каде е Македонија во венецуелската приказна? Или, пак, Венецуела во македонската приказна?
Далеку е Венецуела од Македонија, но и ние имаме што да кажеме за случувањата во оваа јужноамериканска земја. Ама како и за повеќето други работи, и за тоа прашање се поделивме. Така, едни го признаваат самопрогласениот претседател Хуан Гуаидо за в.д. шеф на венецуелската држава, поддржувајќи го во намерите да организира „слободни, фер и демократски претседателски избори“, додека други застануваат зад актуелниот претседател Николас Мадуро, сметајќи го за единствен легитимен лидер на државата.
Но Македонија не е единствена во спротивставените гледишта за Венецуела. Таков е и глобалниот тренд. Суперсилите и нивните сојузници застанаа едни наспроти други, зад едниот или зад другиот лидер во Венецуела. Поделбата е класично блоковска и изобилува со познатите веќе излитени обвинувања. Американците и нивните сојузници, од Канада до Јужна Америка, Австралија и дел од ЕУ, побрзаа да го поддржат Гуаидо како единствен легитимен лидер на Венецуела. Од друга страна, Русија, Кина, Турција и други земји застанаа зад Мадуро… Звучи познато? Се разбира. Е, сега, каде е Македонија во венецуелската приказна? Или, пак, Венецуела во македонската приказна?
Македонија и Венецуела се разликуваат во однос на многу нешта – политичкиот и економскиот систем, територијата, историјата, културата и населението – но двете земји имаат карактеристики што ја нагласуваат нивната важност на глобалната геополитичка сцена. За Македонија тоа е пред сѐ геостратегиската централна позиција на Балканот. Таа е во срцето на мрежата на сите маршрути што минуваат низ овој битен регион преку кој Европа се поврзува со Азија и со Африка. За Венецуела на прво место се природните ресурси и особено нафтата, имајќи предвид дека има најголеми докажани резерви во светот. Поради овие аспекти, двете држави постојано се предмет на интерес на соседите и на големите сили.
И Венецуела и Македонија историски поминале низ тешки периоди на колонизации и окупации, револуции и востанија, територијални поделби, признавања и непризнавања, промени на политичките и економските системи, уставни и политички кризи, со многу жртви и со економски шокови. Македонија од независноста се соочува со низа економски и правнополитички предизвици, но и со блокади и со непризнавања од страна на соседите и на нивните сојузници. Таа има декларирани стратегиски интереси за членство во НАТО и во ЕУ, поради кои сега од неа се бара да спроведе крупни промени, но и да преземе големи жртви.
Венецуела во поновата историја мина низ боливарска револуција предводена од Хуго Чавез, чија социјалистичка влада во почетокот ги намали нееднаквоста и сиромаштијата, но подоцна се соочи со економски проблеми, а самиот Чавез беше обвинет за диктатура. По смртта во 2013 година, на власт дојде неговиот потпретседател Мадуро. Неговото владеење исто така е обележено со економски шокови, политичка и уставна криза и со насилни протести. Тензиите кулминираа откако Мадуро лани доби втор мандат на избори, кои опозицијата и Западот ги оквалификуваа како лажирани. Протестите продолжија и годинава, а на едни од нив Гуаидо се самопрогласи за претседател, а светот се подели за тоа кого поддржува.
И Македонија и Венецуела сега се исправени пред големи промени и се во фокусот на вниманието на големите сили и на светските медиуми. Доволно е само да отворите Гугл. Светските медиуми, на сличен начин, промените во двете земји ги претставуваат преку битката за влијание на големите сили, но сепак пласираат различни (не)успешни приказни. Венецуела е претставена како катастрофална приказна, која за да има позитивен расплет мора да се менува со Гуаидо, според едниот блок поддржувачи, или со Мадуро, според другиот.
Македонија, исто така, како никогаш досега е присутна во анализите и прогнозите на светските медиуми, но поради патот што го изоди кон НАТО. Заклучокот, како што вели еден наслов на „Волстрит џурнал“, е дека Западот извојувал мала победа во натпреварот со Русија за влијание на Балканот. Во повеќето светски медиуми, Македонија, поточно Северна Македонија, е претставена како успешна приказна на Балканот. Таа е земја што успеала по долг период на меѓународна изолација, политички ќор-сокак и на потенцијални меѓуетнички тензии да го фати последниот воз за Брисел. Значи, од безбедносен проблем со „брзи и храбри интервенции“ таа успеа да направи голем скок за да го продолжи патот кон НАТО и ЕУ. За приказната да биде успешна, „малите“ негативни работи, како промената на името, корупцијата или невладеењето на правото, се ставени во втор план.
Обратно, за Венецуела се нагласуваат негативните аспекти и повиците за итни промени што треба да ги спроведе Гуаидо. Анализите за тоа колкава поддршка има всушност опозицијата се минимизираат. Исто така се игнорираат нагласувањата дека колку и да се тешки проблемите, Венецуела треба сама да ги решава преку дијалог. Промени мора да има и ако тие значат поддршка на пуч или жртвување на правото, тоа е оправдано, бидејќи се прави заради добросостојбата на венецуелскиот народ. Такви се барем аргументите.
И за Македонија аргументите се дека промените мора да се спроведат за остварување на повисоките стратегиски цели, прием во ЕУ и во НАТО, па макар и со „балкански методи“, како што ни порачаа самите странци – токму оние што инаку нѐ кудат зошто се служиме со истите тие. Домашните медиуми, аналитичари и политичари што предупредуваа дека не треба да се гази по правото за по секоја цена да се спроведат бараните реформи, се прогласени за регресивни и кусогледи. Нивните странски колеги главно се држат до успешната приказна, но повремено некој ќе посочи и дека Преспанскиот договор е „пораз за демократијата“. Причините за тоа, меѓу другото, се лоцираат во фактот што меѓународната заедница реши да ги игнорира најпроблематичните аспекти од процесот на ратификација на договорот, кои ги оспоруваат уставните норми и принципите на владеење на правото и во Македонија и во Грција, само за тој да успее. Меѓународната заедница го игнорира и фактот што договорот нема поддршка од мнозинството население во Македонија и во Грција, што во иднина може да ги зголеми тензиите, а не да ги намали. Игнорирани се и сите домашни предупредувања дека со промената на името се прават обиди за целосно менување на националниот идентитет. Дури сега во странските анализи за „успешната балканска приказна“ може да се прочита понекое „објаснување“ што точно се менува. На пример, во грчките се нагласува дека „ќе се гради нов идентитет на идната северномакедонска генерација“.
– Нејасно е дали во современата историја е направена таква драматична преориентација на нечиј национален идентитет – заклучува еден грчки новинар.
Професор од Солун, пак, нагласува дека „северномакедонскиот национален наратив сега се креира во договор со Грција“.
– Не знам дали Грците се свесни колку голема работа е тоа. Замислете друг сосед да седне и да одлучува со нас како ние ги замислуваме нашата историја и идентитет – нагласува тој.
Некои сметаат дека тоа е пропаганда за грчката публика, но за многумина тоа се болни факти. Трети, пак, сето тоа го сместуваат во категоријата „тапани по свадба“. Меѓународната заедница ја привршува приказната, Северна Македонија зачекорува кон НАТО, договорот е склучен и е ратификуван и сега треба да се имплементира, иако тоа може тешко да оди, бидејќи промените се најмногу културолошки, повторно според странските медиуми.
И за Венецуела веќе се тврди дека работата е завршена. „Меѓународната заедница се подготвува за свет по Мадуро“, гласи еден наслов на Стратфор, кој прогнозира дека „Мадуро ќе се мачи да се одржи на власт поради санкциите“ и дека „е голема веројатноста да падне во наредните месеци“. Истите американски аналитичари посочуваат оти веќе се прават планови како САД, јужноамериканските и европските сојузници, заедно со ММФ и со Светската банка, да ѝ позајмат милијарди долари на Венецуела за „реконструкцијата“.
Се покажало дека решенијата на меѓународен план се трајни само ако се во согласност со меѓународното право во чии темели се вградени универзалните постулати на правдата и правдината, почитување на човековите права, на нациите и државите. Единствено така може да функционираме на глобално ниво за да има глобален просперитет и благосостојба. Да има таква глобализација, а не некоја друга, нам попозната!