Проектот „Купи куќа, купи стан“ никогаш не беше прекинат, но сега значително ги подобруваме условите под кои граѓаните, а најзначајно е намалувањето на каматната стапка.
Ова го наведува министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за „Вечер“.
-Најзначајно е намалувањето на каматната стапка, што е придонес на банките што го прифатија нашиот предлог. Така, кај моделот со кој се субвенционира ратата, каматната стапка се намалува од 3,95 отсто на 2,9 отсто за првите три години, а за четвртата и петтата година од 4,44 отсто на 3,9 отсто. Првпат во независна Македонија имаме станбени кредити со олку ниски каматни стапки, практично под три отсто, како во европските земји. Ако се земе предвид и субвенцијата каде што еден од моделите, што ја дава државата при отплата на кредитот за младите до 35 години, што до сега беше 50 отсто од ратата во првите пет години, а сега се предлага да биде 70 отсто, ефективната каматна стапка е некаде 0,9 или еден процент, вели министерот.
Тој додава дека значајно се намалуваат и каматите за моделот со кој се субвенционира учеството, од 4,5 отсто плус шестмесечен Еурибор, на четири отсто плус шестмесечен Еурибор.
-Оваа камата ќе важи за целото времетраење на исплата на кредитот. Исто така, појдувајќи од позитивното искуство на Хрватска, за секое родено или посвоено дете во периодот на субвенцијата, продолжува субвенционирањето од страна на државата за дополнителна година. На пример, ако се родат две деца, субвенциите се продолжуваат за две дополнителни години. Има и други поволности и модели кои се разработени во предложените измени…, истакнува министерот во интервјуто во кое ги наведува новите услоги а кои очекува да бидат усвоени од страна на Собранието до крајот на овој месец.