Никогаш не би можела да размислувам за уметност како слика на ѕид (иако сакам слики на ѕид) – уметноста сама има капацитет за многу повеќе – што и го претставувам низ проектот „Субверзија во црвено“, вели уметницата што ќе нѐ претставува на претстојното Биенале во Венеција

Нада Прља, претставничка на Македонија на Венециското биенале

Вашиот проект „Субверзија во црвено“ ќе ја претставува Македонија на претстојното Венециско биенале. Кажете ни детали за делото што ќе го изложите?
– Проектот се базира на постојната историска граѓа, тргнувајќи од социополитичките состоjби од 20 век до културолошките моменти од историјата на модерната. Историските моменти се преработени преку експериментирањето и адаптирањето, создавајќи нов уникатен израз. Овој проект, според својата основна идеја, е истражувачки и се состои од повеќе делови, т.е. уметнички дела, кои користат различни уметнички и неуметнички методи и медиуми, како на пример дискусија во форма на перформанс (проектот „Црвена дискусија“), документарно видео од перформанс, инкорпорирање на веќе постојни и историски значајни уметнички дела од модерната, како на пример на великаните на македонската уметност Лазевски, Грабуловски и др., како дел од вториот проект. Целта на изложбата е различните медиуми и методи да укажат и истакнат нов светоглед во општествените случувања, што отвора можност за индиректно/директно влијание на уметничкото творештво врз општествените идеологии и процеси.

Како е замислено да биде презентиран проектот на Венециското биенале?
– Истражувачко-развојното продолжение на проектот ќе се оствари на годинешното Биенале во Венеција. Се очекува проектот да развие нови редефинирани ставови преку активно учество на реномирани културни дејци и да поттикне интерес кај интернационалната културна јавност, што ќе придонесе за афирмација на македонската културна продукција и уметнички ангажман. Дискусијата ќе се одвива во изложбениот простор околу црвената маса поставена во центарот, со учество на реномирани теоретичари. Ова збиднување претставува јавен перформанс, во траење од два часа, и ќе се одвива помеѓу: Влад Морариу (модератор и учесник), Борис Буден (учесник), Маурицио Лазарато (учесник), Силвија Федеричи (учесничка) и Артан Садику (учесник). Артан Садику е исто така и концептуалниот соработник на нашето учество во Венециското биенале, тој е најодговорен за координацијата со овие истакнати учесници. Неговото интелектуално кредо и неговите концептуални заложби ќе бидат видливи низ проектот. По завршувањето на дискусијата, масата со испишаните зборови останува во изложбениот простор (со нејзино закачување на една од ѕидните површини), служејќи како платформа за изградба и промислување на клучните концепти и идеи што би можеле да се користат како водич за редефинирање на новите поими во современото општество. Вториот дел од проектот тематски ја поттикнува идејата за „нереализираниот сон на социјализмот“ (Буден), со ослободувањето на душата и телото, самоиронијата, љубовта, човековите грешки и наивност, аспект на човековата природа што е занемарен за време на „стариот бран“ на социјализмот. Проектот се стреми да развие одредена анархистичка имагинација, уништувајќи ја страхопочитта кон „херојските големини“ од социјализмот, кои во проектот се претставени низ спротивставувањето на режимот низ претставувањето ликовни дела од тој период, дела на Грабуловски, Лазески итн. Претставувањето на дел од делата од колекцијата е и обид да се отворат нови, поинакви перспективи, чии темели се изградени токму преку МСУ. Со ова се потврдува дека музејот е вистинскиот и единствен моќен претставник на овој проект, каде што врската помеѓу проектот и институцијата не е само проформа туку е посуштинска. Скулптуралните/ликовни дела ќе бидат поставени во форма на неконвенционална инсталација, што претставува уште еден од аспектите на субверзивното промислување на минатото. Едно од предложените дела од колекцијата на МСУ е сликата „Апстракција“ (1979) на Борко Лазески, македонски муралист што работел помеѓу 1950-тите и 1980-тите, главно во Македонија, но и во Мексико и на Средниот Исток. За реномираниот Јордан Грабул ќе се направи вовед со претставувањето на неговото вредно творештво низ делото „Крешчендо“ (1961) од колекцијата на МСУ. Сите овие уметници што твореле во средината на 20 век во рамките на социјалистичкото уредување, со своите неконвенционални и некомпромисни дела се обидоа да избегаат од строгата рамка на социјалистичкиот реализам и уметност по нарачка и да му останат верни на индивидуалниот уметнички и идеен израз.

Колку е важно авторот што се претставува во Венеција да има искуство со учество и изведба на дела со сличен контекст, да е присутен на меѓународната сцена, критериуми што вие несомнено ги исполнувате?
– Имам реализирано околу 20 самостојни и 95 групни изложби. Изложував во референтни музеи и галерии: „Кремс Кунстхал“ во Кремс, Австрија, „Луис Глуксман галери“ во Корк, Ирска, „Палас де Токио“ во Париз, Франција, „Музеум Сзтки“ во Лоѓ и во Националната галерија на уметност во Варшава, Полска, потоа во реномирани приватни галерии и фондации: „Вајт кјуб“, „Калверт 22 фондација“, фондација за уметност „Дејвид Робертс“, трите во Лондон… Во Македонија, во МСУ и Националната галерија, сум имала самостојни изложби и во истите музеи бев дел на групни изложби по четири-пет пати. Сум учествувала на шест биеналиња, по покана од еминентни ликовни професионалци: Артур Жмијевски (најпознатиот современ полски уметник) и Јоана Варша (кураторка и предавачка на Ликовната академија во Стокхолм) за Берлинското биенале, покана од Калед Рамадан и Алфредо Крамероти (директор на „Мостин галерија“) за „Манифеста“, покана од Аленка Грегорич (уметничка директорка на Градската галерија на Љубљана) за Графичко биенале во Љубљана. За Берлинското биенале зад мојот проект „Sид на мирот“ застанаа директорот на Биеналето, Габриелe Хорн, градоначалникот на општината и градоначалникот на Берлин. Тоа беше еден од најкомплексните проекти изведени на Биеналето од почетокот на самото биенале во 1996 година. Sидот поради својата природа, големина 14х5,5х1,5 м и јавното поставување, поради кое сообраќајот во една од најпрометните улици на Берлин, Фридрихштрасе, беше стопиран за време на Биеналето, предизвика голем интерес. Ме привлекуваат проекти од комплексна природа, по својата концептуална, изведбена и реализациска основа. Сакам од секој проект да научам нешто ново, да разоткријам што е тоа што уметноста може да ни понуди како медиум, до каде можеме низ уметноста да ги смениме нештата во другите паралелни сфери на уметноста. Моите проекти секогаш се различни и се водени од просторот, ситуациите, состојбите, кои се секогаш по себе различни. Никогаш не би можела да размислувам за уметност како слика на ѕид (иако сакам слики на ѕид) – уметноста сама има капацитет за многу повеќе – што и го претставувам низ овој проект.

Куратор советник на вашиот проект е Тевж Логар од Словенија, звучно име во уметничкиот свет. Како дојде до соработката со него?
– Се запознавме во 2009 г., кога бев дел од 28-то Графичко биенале во галеријата „Шкуц“ во Љубљана, која Логар ја предводеше долго време. Последен пат се сретнавме на „Виена контемпорари“, каде што тој ја претставуваше галеријата „Грегор Поднар“ од Берлин, а јас со Даниел Серафимовски ја претставував нашата СИА-галерија од Скопје на Виенскиот саем за современата уметност. Тевж својот ангажман во проектот го објаснува во следните зборови: „Најбитно е да се биде свесен во каков контекст се влегува и што е потребно да се направи. Ја прифатив поканата на Нада Прља и МСУ, бидејќи во предложениот проект гледам многу голем потенцијал, кој од една страна е актуелен во однос на сегашниот теоретски дискурс на современата уметност, а од друга страна воспоставува некој формат на презентација што ја преоѓа традиционалната форма на Венециското биенале. Тоа е одлично концептуално поаѓалиште, сега уште треба да се реализира во планираните габарити и да се направи стратегија за дистрибуција на проектот“.

Логар веќе неколкупати учествувал на престижното Венециско биенале на уметноста. Колку е важно ова негово искуство?
– Логар учествувал на повеќе биеналиња, што во голема мера ќе придонесе кон квалитетот на проектот. Во рамките на фактот дека имаме само уште три месеци до започнувањето на проектот, неговото искуство дотолку повеќе ќе помогне за солидно и репрезентативно претставување на проектот. Јованка Попова од МСУ е главната кураторка на проектот, јас ја следам нејзината работа веќе неколку години, по моето враќање во Скопје во 2014 година. Имав можност да учествувам во изложбата „Каде да (не) одиме?“, организирана од нејзина страна и „Прес то егзит“ во МЦ-галерија во Њујорк. Тогаш ги забележав способностите на Јованка, која се истакнува со префинет, прецизен и интелектуален стил на пишување, перфектни организациски способности и познавање на нештата во уметничкиот свет. Делиме и некои лични особини, двете сме воркохолици, беспрекорно сме организирани и водени од исти премислувања за односот помеѓу уметноста и социјалното. Гледано пошироко, ова е проект на Нада Прља, но уште повеќе е проект на МСУ и директорката Мира Ѓакина, бидејќи музејот е носител на проектот. Сега сме во еден брод, секој има своја функција, но ако бродот тоне, секој мора да прави сѐ за да не потоне. Ако потонеме, воопшто не е битно кој е виновникот. Колку и да звучи смешно ова, секогаш заедништвото, споделувањето, добрата комуникација се основен дел на еден добар проект, така што мораме сигурно, брзо и директно да „пловиме“ кон Венеција.

Што е потребно, покрај квалитетот на делото, за еден павилјон да биде видлив за публиката и стручната јавност во Венеција?
– Најважно е, покрај добриот квалитет и соодветност на проектот со темата на Биеналето, да имате етаблирани и реномирани имиња на учесниците, кои го привлекуваат вниманието на уметниците и пошироката публика, што со овој проект е остварено. Луѓето што ги гледаат каталозите од Биеналето или се информираат на поинаков начин, квалитетот на проектот и звучните имиња на уметниците и учесниците ги привлекуваат да го посетат павилјонот на одредена земја.

Како соодветствува проектот во однос на зададената тема на Биеналето, „Може да живееш во интересни времиња“?
– „Да се живее во интересни времиња“ претендира да се разбере потенцијалот на уметноста како метод за да ги дознаеме работите што не ги познаваме – работи што се надвор од границите, надвор нашиот дострел или недостапни од разни причини. Намерата на кураторот Ралф Руголф е да истакне уметнички дела што ја истражуваат меѓусебната поврзаност на различните феномени и кои даваат афинитет кон идејата, дека сè се поврзува со сè друго. Тргнувајќи од социополитичките состојби од 20 век, нивните основни премиси и верувања, проектот „Субверзија во црвено“ преку културолошко-уметничка редефиниција од модерната, а преку метод на експериментирање и адаптирање, создава уникатен начин на израз низ предложени дела, рецентни во современата интернационална уметничка и културна сфера. Проектот ја поддржува основната идеја на кураторот Ралф Ругоф дека можеби уметноста може да биде еден вид водич за тоа како да се живее и размислува во „интересни времиња“.