Собраниската комисија за финансирање и буџет на вчерашната седница го разгледа предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, во прво читање, и едногласно со 10 гласа „за“ заклучи дека е прифатлив и оти треба да се даде на натамошно читање.
Како што образложи заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, измените и дополнувањата на законот се носат за да се усогласи со новиот Закон за енергетика и истовремено да ѝ се овозможи Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати да го утврди количеството на задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати со постапка, која ќе ги минимизира трошоците.
– Со измените треба да се усогласат и условите за складирање нафта, кои ќе бидат во согласност со правилниците во сила со минималните технички услови за објектите за чување на нафтените деривати. Се предлагаат и законски решенија со кои се овозможува дирекцијата да може да обновува дел од потрошените количества од задолжителните резерви на нафтени деривати – рече Елези.
Со измените, додаде таа, се пропишуваат начинот и условите на пуштање во промет на задолжителните резерви во случај на нафтена криза, како и начинот и условите за размена и продажба на нафтените деривати заради обновување и одржување на квалитетот и постапката за продажба на нафтените деривати од резервите поради нивна обнова преку јавна лицитација.
– Заради обновата е утврдена можноста за намалување на цената на нафтените деривати до 10 отсто од нивната пазарна цена. До 2015 година „Макпетрол“ беше одговорен за задолжителните резерви на нафта и нафтени деривати, а сега е дирекцијата. Станува збор за 13 милиони тони нафта и нафтени деривати за кои се обврзни да се надоместат – рече Елези.
Крајната цел на предложениот закон за изменување и дополнување на Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати е пропишување на постапка за продажба на нафтени деривати од задолжителните резерви во случај на настанување на нафтена криза од поголеми размери, како и продажба заради нивно обновување во исклучителни случаи кога од различни причини. Дирекцијата е принудена самостојно да го врши обновувањето, за да не се применуваат одредбите од Законот за користење и располагање со работите во државна сопственост и со работите во општинска сопственост, каде што се предвидени попусти од 30 или 50 отсто, во насока на минимизирање на финансиските загуби на дирекцијата при обновувањето на задолжителните резерви.