Ниту една селекција досега трипати едноподруго не била светски првак, а Франција беше победник на двата претходни мундијали и има вкупно шест трофеи. Германија ќе игра за четвртата титула, а досега Данска и Норвешка не биле светски прваци
Селекциите на Франција и на Германија по 12-ти пат обезбедија место во полуфиналињата на Светските првенства (СП) во ракомет, за Данците ова ќе биде 11-то полуфинале, а за Норвешка второ (првпат беше на минатото СП). Во денешните полуфинални мечеви први ќе играат Франција и Данска (од 17.30 ч), а потоа ќе се сретнат Германија и Норвешка (20.30 ч. и двата со пренос на МТВ).
Франција, која е бранител на титулата светски првак, е најтрофејната селекција меѓу полуфиналистите, но и воопшто во историјата на мундијалите. Во својата историја Французите освоија шест златни, од кои два од последните две СП, еден сребрен и три бронзени медали, така што нивна годинашна амбиција е да направат низа од три едноподруго светски титули, што би било првпат во историјата на СП.
Германија е втора според бројот на освоени медали од СП меѓу полуфиналистите. Националниот тим на Германија заедно со Источна и Западна Германија има освоено три златни, четири сребрени и три бронзени медали. Три сребрени и еден бронзен медал имаат досега освоено Данците, а селекцијата на Норвешка беше сребрена на СП 2017.
Историјата од меѓусебните дуели на големите натпреварувања помеѓу Франција и Данска е на страната на Французите. Франција и Данска досега трипати се сретнале во завршницата на СП. Првпат играа во малото финале на СП 2007 во Германија во кое победата ѝ припадна на Данска со 34-27, следно беше полуфиналето на СП пред 10 години во Хрватска, кое заврши со победа на Франција со 27-22 и третата нивна мундијалска пресметка беше во финалето на СП 2011 во Шведска, во кое Франција стигна до својата четврта титула. Данска и Франција се сретнаа и во финалето на ЛОИ во Рио во 2016 година, во кое победата ѝ припадна на Данска (28-26). Тие две селекции играа и во мечот за трето место на ЕП во Хрватска лани, победи Франција со 32-29, а Французите имаат позитивен скор и од финалето на ЕП 2014 во Данска, кое го добија со убедливи 41-32.
Полуфиналниот дуел меѓу Германија и Норвешка ќе биде реприза на полуфиналето од Европското првенство во 2016 година во Полска, кое заврши со минимална победа на Германците со 34-33.