Со одлука на градските власти во Бар минатата недела биле исечени повеќе од 80 долгогодишни дрва во локалниот парк, каде што е предвидено да се изгради детска градинка. На оваа реагираа неколку невладини организации, кои ја обвинија локалната самоуправа дека во центарот на градот направиле нови „гробишта“, објави весникот „Вијести“.
– Тешко е да се опишат со зборови неправдата, страдањето и апсурдот. Сведоци сме на уништувањето на еден парк. Уништена е довербата на граѓаните кон институциите. Загрозен е гласот на над четири илјади граѓани, кои потпишаа петиција со само едно барање, а тоа е да се пронајде друга локација за претшколската установа, за да не се исечат 80 дрвја, со што ќе бидат исполнети условите пропишани со закон за изградба на еден таков објект – се наведува во соопштението на незадоволните граѓани.
Незадоволните жители на Бар сметаат дека објаснувањата на општината, оти целата процедура е во согласност со законот, се далеку од вистината. Тие најавуваат поднесување тужба до Управниот суд на Црна Гора.