Русија демонстрира една од најагресивните, па и најгруби одбрани на СП, која беше санкционирана со 27 исклучувања, осум жолти и два црвени картона
Репрезентацијата на Русија е денешниот противник на Македонија (13 часот, пренос на МТВ) во разигрувањето од Президент-купот за пласман од 13-то до 16-то место на Светското првенство (СП) во Германија и во Данска.
Избраниците на Едуард Кокшаров прикажаа добри игра на петте меча од групата А во која забележаа една победа (над Кореја, 34-27), две ремија (со Србија 30-30 и со Германија 22-22) и претрпеа два минимални пораза, од Франција (23-22) и од Бразил (25-23).
Во петте натпревари на Мундијалот, Русија демонстрира една од најагресивните, па и најгруби одбрани на СП, која беше санкционирана со дури 27 исклучувања, осум жолти и два црвени картона. Рускиот состав најчесто се бранеше со формации 5-1 и длабока и агресивна 6-0, кои им задаваа доста проблеми на противничките напаѓачи.
Во нападот најефикасен е левото крило, Тимур Дибиров, кој досега постига 30 погодока, од кои 11 од неговата позиција, без промашување. Во бековската линија, со нападот на Русија предничи централниот бек, Дмитри Житников, кој заедно со Александар Шкурински и Дмитри Киселев имаат одлична реализација на ударите од девет метри како и пробивните влезови на линијата од шест метри. Десните крила, Данил Шишкарев и Дмитри Ковалев задолжени се за реализација на брзите контри и полуконтри.
Статистиките и бројките покажуваат дека Русија нападот повеќе го темели врз индивидуалните квалитети на играчите, за разлика од Македонија која се базира на тимската игра, со многу меѓусебни проигрувања. Цврстата и агресивна одбрана одлично се дополнува со голманите Виктор Киреев (38 одбрани) и Олег Грамс (18 одбрани), кои добро се покажаа на досегашните натпревари на СП.