Не мора секогаш да трошите пари на скапи хемиски производи за чистење во домот, проблемот со нечистотијата, дамките, мувлата или, пак, ’рѓата можете да го решите со работи што секојдневно ги користите во домот. Во продолжение ќе ви понудиме неколку решенија за најчестите и најнесакани нечистотии во домот.
Стариот сјај на старите бакарни садови ќе го вратите на тој начин што во еден сад ќе измешате пченкарно брашно, сол и оцет и со таа смеса ќе го истриете садот. Ефектот од чистењето ќе биде видлив веднаш штом ќе го избришете садот со сува крпа.
Шишињата и теглите од зимница најдобро ќе ги исчистите и стерилизирате за наредна употреба на следниот начин: откако темелно ќе ги измиете со жешка вода и ќе ги исцедите, теглите и шишињата ставете ги во рерна и вклучете ја на 150 Целзиусови степени. Кога рерната ќе ја достигне температурата, исклучете ја и садовите оставете ги внатре да се изладат. Потоа затворете ги и складирајте ги за наредна употреба.
Како да исчистите мувла од облеката? Дамките од мувла на облеката треба да ги исперете со сапун и да ја оставите облеката да се исуши. Доколку и потоа се познава дамка од мувла, истријте ја со сок од лимон и повторно исперете го парчето облека.
Дамките од масло на дрвото лесно ќе ги исчистите со крпа што претходно сте ја натопиле со оцет.
Мирисот од фрижидерот најлесно ќе го отстраните така што внатрешноста ќе ја пребришете со вода во која е растворена сода бикарбона или, пак, со крпа што е добро натопена со вински оцет. Оставете го отворен за да се исуши и потоа мирисот целосно ќе исчезне.
’Рѓосаниот нож ќе го исчистите ако го намачкате со масло и го оставите така да стои 24 часа. Потоа истријте го со половина главица кромид и добро измијте го, а пред себе ќе имате нов и чист нож.
Старите тенџериња на кои се насобрал бигор најдобро ќе ги исчистите така што на дното на садот ќе ставите весници и преку нив ќе прелеете со жежок оцет. Тенџерето протресете го неколкупати, а кога ќе се излади киселината, извадете ги весниците и измијте го садот.
Приборот за јадење мијте го со млака вода, бидејќи жешката вода го уништува неговиот сјај.
Шишето од млеко лесно ќе го измиете така што ќе го наполните со ладна вода во која претходно сте раствориле лажиче сол. Добро протресете го, а потоа измијте го со сјај за садови и млака вода.
Ако не можете да ја извадите тапата од шише вино, тогаш грлото на шишето замотајте го со крпа што претходно сте ја натопиле со врела вода. За неколку минути ќе ја извадите тапата без многу мака.
Навојот од развртен (оштетен) шраф премачкајте го со безбоен лак за нокти, па потоа зашрафете го. Не само што ќе држи поцврсто туку ќе биде заштитен од ’рѓосување
Залепете мало парче селотејп на местото каде што планирате да заковате шајка. Ѕидот нема да се распука на тоа место.
Доколку ви се истури храна во рерната за време на готвење, натуреното место посипете го со сол за да го спречите чадењето на мрсното и да го спречите ширењето на непријатна миризба. Кога ќе се излади рерната, употребете ја солта како ефикасно средство со кое ќе ја исчистите.