Придушен екот од метални ѕвонци, паганско разулавено ѕвекање враќаат околните планини. Придушени искри од селскиот оган треперат на страшните маски и за момент ја сликаат уникатната дамнина. Трепетлива слика зазорува врз испуканиот асфалт и секоја пукнатина се проширува од пулсирањето на маскарадната дружина.
Бамбурците на селскиот мегдан, беснеат како луди митолошки јунаци и го бркаат злото. Кожи од овци и кози, рогови од дивеч, огромни метални ѕвонци и исцрнети раце, внимателно се вплетени во митолошкиот изглед на Бамбурците, ќе ја прераскажуваат уште еднаш страдалната битка за тронот. Уште еднаш ќе се втурнат во кревката толпа народ и ќе го збришаат суровото универзумско зло. Ќе излезат победнички од овој маскараден поход со тронот од еден нов историско – културолошки настан.
Лилјана Бојчовски