Според новото откритие на астероидот Рајгу
Две органски соединенија, неопходни за живите организми, се пронајдени во примероците од астероидот Рајгу, што ја поддржува теоријата дека некои состојки клучни за појавата на животот пристигнале на Земјата од карпите од вселената пред милијарди години.
Научниците објавија дека откриле урацил и ниацин во карпите земени од сондата Хауабуса на Јапонската вселенска агенција во 2019 година од две локации на Рајгу, пренесува „Еурактив“.
Урацилот е еден од градежните блокови што ја сочинуваат РНК, молекули што носат инструкции за создавање и функционирање на живите организми.
Никотинската киселина, позната и како витамин Б3 или ниацин, е важен кофактор за метаболизмот кај живите организми, а исто така е откриена во истите примероци.
Примероците од астероидот беа транспортирани 250 милиони километри назад на Земјата во запечатена капсула што слета во 2020 година на австралиска почва за понатамошна анализа во Јапонија.
Научниците долго размислувале за условите што биле неопходни за појава на живот по формирањето на Земјата пред околу 4,5 милијарди години. Новите наоди добро се вклопуваат со хипотезата дека градежните блокови на животот дошле на Земјата преку комети или астероиди.
Кога Земјата била во своите рани денови, секоја година била бомбардирана од комети, метеори и астероиди, кои испорачувале многу материјал богат со соединенија што помогнале да се отвори патот за првите живи организми.
– Нашето клучно откритие е дека урацилот и ниацинот, кои се од биолошко значење, се навистина присутни во вонземски средини и можеби биле доставени до раната Земја како компоненти на астероиди и метеорити. Веруваме дека тие одиграле улога во еволуцијата на пребиотиците на Земјата и, веројатно, во потеклото на првиот живот – рече астрохемичарот Јасухиро Оба од Универзитетот „Хокаидо“ во Јапонија, главен автор на истражувањето објавено во списанието „Нејчер комјуникејшн“.