Фото: Деан Лазаревски

Се верува дека името Зеленград има словенско потекло и најверојатно доаѓа од тврдината Градиште, која се наоѓа до маалото Самари. Споменатото наоѓалиште е рид што се издига на левиот брег на Злетовска Река. Тука има остатоци од одбранбен бедем и остатоци од керамика. Повеќе наоди, како што се монети и питоси, посведочуваат дека во Зеленградско Маало во римско време постоела населба. Меѓутоа континуитетот не е јасен, бидејќи селото не се појавува во записите од средниот век

Занимливости

Зеленград е високопланинско село, кое се наоѓа во изворишното сливно подрачје на Злетовска Река, поточно во североисточниот дел на територијата на општината Пробиштип, односно 18 километри од градот Пробиштип. Селото е планинско, сместено на надморска височина од 1.130 метри, распослано на планински висови меѓу Зеленградска Река од север, Ештерец од југ и Злетовска Река од запад, а на исток доминира планината Пониква. Денешното село е од разбиен тип и е составено од повеќе мала, како што се Зеленград, Гноиште, Пајаковица, Орлов Камен, Чифлик и Самари. Неколку археолошки истражувања покажаа дека подрачјето на Зеленград било населено уште од доцната антика и римскиот период, а тоа се потврдува од неколку археолошки наоѓалишта.
Се верува дека името Зеленград има словенско потекло и најверојатно доаѓа од тврдината Градиште, која се наоѓа до маалото Самари. Споменатото наоѓалиште е рид, кој се издига на левиот брег на Злетовска Река. Тука има остатоци од одбранбен бедем и остатоци од керамика. Повеќе наоди, како што се монети и питоси, посведочуваат дека во Зеленградско Маало во римско време постоела населба. Меѓутоа континуитетот не е јасен, бидејќи селото не се појавува во записите од средниот век. Не се споменува ниту во една даровница, повелба на деспот Јован Оливер, кој го дарува Лесновскиот манастир, додека соседните села се споменуваат. Во повелбата се споменува Пајаковица како месност, но не и населба или маало. Слична е состојбата и со турските пописни дефтери од 1573 година, кога Зеленград не се појавува како населба. Неколку истражувачи веруваат дека доколку во селото имало жители, османлиските попишувачи не би го испуштиле од предвид.

Фото: Петровскиз

На самата атарска граница на кратовското село Луково и селото Зеленград се наоѓа Зеленградскиот манастир. Овој манастир за првпат се споменува во лесновскиот типик од 13 век, меѓутоа многу малку се знае за него, бидејќи нема други зачувани пишани записи. Познато е дека од неговото основање бил машки манастир, а по освојувањето на Македонија од Османлиите замрел. Во 2006 година е започнато негово обновување на темелите на првобитниот манастир. Новиот манастир бил осветен од страна на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан на 21 јули 2007 година. По возобновувањето, манастирот е женски, а првата монахиња е замонашена на 27 август 2007 година.
Во раниот османлиски период, потесниот и поширокиот атар на Зеленград бил покриен со густа шума, а слична била состојбата и 300 години подоцна, кога Ѓорче Петров за ова село забележал дека има 16 куќи, кои се обични колиби. Оттука се верува дека населението од овој крај главно се занимавало со сточарство и поради повеќе причини, како што се даноци или грабежи, го менувало местото на живеење и подоцна се враќало на истото место.

Фото: Кирил Симеоновски

Повеќе податоци за селото има од почетокот на 18 век, кога се споменуваат повеќе родови што се доселиле во маалото Село што потекнувале од областа на Горна Пчиња. Истражувањето од 70-тите години на 20 век ги посочува следните родови: Савевци (3 к.) се доселени во 18 век од некое село во Горна Пчиња, се сметаат за основачи на денешното село; Јовчевци (3 к.), Мишаци (5 к.) и Соколовци (3 к.) се доселени од селата на Козјак и Горна Пчиња, нешто по првиот род; Богдановци (5 к.), Митревци (8 к.) и Марковци (4 к.) се доселени од селото Градче кај Кочани; Луковци (2 к.) се доселени од селото Луково; Калуѓерци (1 к.) водат потекло од некој човек што дошол во почетокот на XX век од некое место во Грција.
Според податоците на Васил К’нчов објавени во „Македонија. Етнографија и статистика“ од 1900 година, во селото Зеленград имало 160 жители, сите Македонци. По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев (објавени во „La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Зеленград имало 160 жители, сите Македонци. Д.Ст.


Археолошки наоѓалишта

Кај селото Зеленград се наоѓа археолошко наоѓалиште Воденичиште, за кое се верува дека е топилница од римско време. Истражувањата покажуваат дека до изворите на Зеленградска Река, високо во планинскиот предел има рударска јама. Околу неа, на простор од 30 x 20 м се присутни многубројни остатоци од згура во која има голем процент бакарна руда. По површината на локалитетот се среќаваат и фрагменти од питоси и покривни ќерамиди. Покрај ова наоѓалиште треба да се спомене и Јарапечка Нива, населба од римското време, како и Самарската Чука, утврдена населба од доцноантичкиот период. За Самарската Чука, истражувачите велат дека станува збор за утврдена населба од доцноантичко време. Локалитетот е на висок рид, со доминантна местоположба што се издига на јужниот раб на селото. На зарамнетото плато на врвот се гледаат остатоци од темели на одбранбен бедем, кој опкружува простор од 200 x 100 м. Во внатрешноста на тврдината се забележуваат темели од повеќе мали објекти, а има множество градежен материјал и фрагменти од керамички садови. Најдени се и монети од рановизантискиот цар Јустинијан Први.


Анастас Абазов, седнат, со синот Славчо Абазов, мај 1908 г.

Значајни личности

Од илинденскиот период од селото потекнуваат неколку личности што учествуваат во борбата за ослободување на Македонија, меѓу нив се Атанас Абазов и Ное Димитров. Димитров бил роден во 1878 година во Зеленград. Во 1907 година станал четник на војводата Јордан Спасов, а подоцна станал независен кратовски војвода. Во неговата чета биле: Петко Манев, Јанко Арсов, Христо Митов, Петар Георгиев, Стојан Јанев, Васе Ников, Андон Димитров и Илија Златанов. Анастас Абазов бил трговец, јавна личност и член на Македонската револуционерна организација (МРО). Пред почетокот на Илинденското востание ги помагал членовите на револуционерната организација, а меѓу нив биле Григор Манасиев и Јосиф Даскалов. Куќата на Абазов била користена за средби на македонските револуционери. Во 1901 година застанал на чело на месната организација на МРО во Злетово, а по солунските атентати бил уапсен од властите заедно со неговиот син Славчо Абазов, заради неговите револуционерни активности. Анастас бил ослободен поради недостиг од докази, но Славчо бил осуден на три години затвор.