Фото: Пиксабеј

За геопаркови може да се прогласат Маркови кули кај Прилеп, Кратовско-злетовската област, кањонот на Радика, Мариовскиот предел, Демиркаписката Клисура, кањонот Матка и многу други, што би имало навистина големи позитивни локални и национални ефекти

Геопарк според УНЕСКО претставува соодветно ограничено подрачје со исклучителни геовредности, сопствена управувачка структура и со сертификат од оваа организација. Покрај геовредностите, тој обично располага со разновиден биодиверзитет и значајни културни знаменитости.
– Областа на геопаркот може, но и не мора, да е претходно заштитена со некој степен на законодавна заштита – смета Ивица Милевски, професор на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет.

Глобалната мрежа на геопаркови на УНЕСКО е фокусирана на промоција и зачувување на вредното геонаследство, севкупните природни и културни вредности на подрачјето на геопаркот.
– Членството во мрежата има навистина огромни привилегии: од користење на брендот на УНЕСКО што помага во забрзан развој на областа, преку можноста за аплицирање во повеќе фондови за развој, добивање проекти и грантови, до соработка на заеднички идеи за идни активности и промоции. Геопаркот ги користи своите атрактивности и брендот за да привлече голем број посетители и да им овозможи основање различни производствени и услужни активности, кои придонесуваат за социоекономскиот развој на заедницата – вели Милевски.

Во изминатите 20 години, откако се формирани првите геопаркови, нивниот број низ светот перманентно се зголемува и веќе достигна 155, распоредени во 46 држави, а најмногу ги има во Кина (41), Шпанија (15), Италија (9) итн. Сите тие се членки на Глобалната мрежа на геопаркови, а наедно и на континенталните здруженија, како што е Европската мрежа на геопаркови.
– Моментално во Европската мрежа има 81 геопарк од 26 држави на овој континент. Така, Грција има пет, Словенија и Хрватска имаат по два геопарка, а Србија неодамна го доби првиот официјален геопарк Ѓердап. Во Европа и во светот, интересот за воспоставување нови геопаркови е доста голем, така што секоја година се формираат од пет до 10 нови геопаркови. Интересот е голем поради позитивните искуства поврзани со заживување на слаборазвиените подрачја во кои обично се наоѓаат геопарковите, преку подобрено финансирање од разни фондови, достапност до меѓународни средства, брендирање и привлекување поголем број посетители и сл. – ни споделува Милевски.

Фото: Пиксабеј

Кај нас досега нема ниту еден прогласен геопарк, а, како што вели тој, идејата за геопарк во Македонија се појави релативно доцна (во 2014 година), особено со оглед на извонредното богатство со уникатно геонаследство.
– За жал, без оглед на извонредното геонаследство и многубројните раритетни геопојави, на подрачјето на Република Македонија сѐ уште нема геопарк (иако според процените може да ги има барем пет-шест). Споредено со другите држави во кои има геопаркови, кај нас нема регион во кој не може да се воспостави геопарк. Тука може да влезат Маркови кули кај Прилеп, Кратовско-злетовската област, кањонот на Радика, Мариовскиот предел, Демиркаписката Клисура, кањонот Матка и многу други, што би имало навистина големи позитивни локални и национални ефекти. Всушност, речиси сите европски геопаркови бележат извонредно позитивни резултати во нивната промоција, локален економски (најчесто рурален) развој и сеопшт напредок. Затоа е неопходно во идниот период да се искористат сите можности Македонија да го добие првиот геопарк и да се етаблира како навистина уникатна европска геодестинација – посочува Милевски.

По голем број написи и залагања, како и промовирање на оваа идеја во неколку национални и регионални стратегии, конечно во 2016 година започна поактивно да се работи на формирање на првиот геопарк кај нас, и тоа на подрачјето на општините Кратово и Пробиштип, а во идниот период треба да се разгледаат можностите за уште неколку потенцијални геопаркови, како што се Кожув, Маркови кули и др.