Уреди што вклучуваат и мобилни телефони ќе се забранат во училниците за да не се наруши текот на учењето, објавија холандските власти. „Би-би-си“ пренесува дека новото правило ќе се воведе во училиштата и ќе започне со почетокот на следната учебна година. Правилото за забранета употреба на мобилни и слични уреди ќе има исклучоци за ученици со посебни медицински потреби или со инвалидитет, а тоа нема да важи и за часовите за дигитални вештини. Иако забраната не е законски официјализирана, холандското министерство за образование истакна дека во иднина, тоа може да се промени.
– Иако мобилните телефони станаа неизоставен дел од нашите животи, тие не припаѓаат во училниците. Учениците треба да се концентрирани и да ја имаат секоја шанса добро да учат. Има научни докази дека телефоните ги деконцентрираат – изјавил министерот за образование Роберт Дијкграф.

Разни студии покажуваат дека ограничената употреба на мобилните телефони е поврзана со подобрена концентрација. Забраната опфаќа и уреди како таблети и паметни часовници.

Според Министерството за образование, секое училиште индивидуално ќе може да ги договори новите правила во консултации со наставниците, родителите и учениците. На крајот на следната учебна година, холандското министерство ќе го процени влијанието на новото правило и ќе одлучи дали таа ќе биде законски воведена.