Деновите на лансирање сателити во вселената за компанијата „Вирџин ориџин“ се минато. По шест години деловно работење, подружницата за лансирање сателити „Вирџин орбит“ соопшти дека повеќе нема средства за финансирање на операциите и дека ќе се затвори. Речиси 90 отсто од вработените ќе бидат отпуштени, поточно 675 лица.
„Вирџин орбит“ е основана во 2017 година за да развие и да комерцијализира систем за лансирање сателити наречен „ЛончерВан“, кој е поставен под модифициран авион „боинг 747“ наречен „космик грл“. Системот е дизајниран да лансира мали сателити од 226 килограми во ниската орбита на Земјата, со нивно лансирање со ракети на височина помеѓу 9.000 и 15.000 метри.
И покрај низата рани успеси кога станува збор за развојот и проширувањето на услугите во британската војска, првиот официјален тест на системот „ЛончерВан“ во мај 2020 година не беше успешен, односно симулираниот товар не беше испорачан во орбитата. Вториот обид следуваше во јануари 2022 година и беше успешен, лансирајќи 10 сателити на НАСА во ниската орбита. Исто така, првото комерцијално лансирање беше успешно спроведено во јуни истата година. Потоа во орбитата беа испратени уште седум сателити, како и опремата на американските вселенски сили.
Севкупно, „Вирџин орбит“ изведе шест лансирања помеѓу 2020 и 2023 година, а само четири беа успешни. Последниот обид беше наречен „Старт ми ап“ и требаше да го означи првото комерцијално лансирање од британска почва. Иако ракетата успешно се одвои од авионот, аномалија на горната фаза спречи товарот да биде испорачан во орбитата. Подоцна беше утврдено дека филтерот од 100 долари ја уништил мисијата.
Основачот на „Вирџин груп“, Ричард Бренсон, инвестираше до 55 милиони долари во компанијата во текот на изминатите неколку месеци, но споменатата неуспешна мисија беше последната капка. Поради недостиг од средства, „Вирџин орбит“ објави оперативен прекин.