Британските истражувачи развиваат револуционерна технологија за следење на генетските промени кај респираторните вируси.
Системот треба да се користи за да се идентификуваат опасни нови варијанти и да дејствува како систем за рано предупредување за нови болести и идни пандемии, пренесува „Гардијан“.
Тимот, кој е со седиште во институтот „Велком Сангер“ во Кембриџшир, има цел да ја направи технологијата евтина, лесна за употреба и способна да се надградува за да обезбеди глобален надзор на широк опсег на вируси. Системот ќе ги следи вирусите на грипот, респираторниот синцицијален вирус (РСВ), коронавирусите и непознатите патогени.
Крајната цел на проектот „Иницијатива за респираторни вируси и микробиоми“ е да се создаде систем што ќе примени технологија за секвенционирање на ДНК за да ги идентификува сите вирусни, бактериски и габични видови во еден примерок собран од назален брис на пациентот.
– Велика Британија беше во првите редови на геномскиот надзор на ковид-19 и беше одговорна за околу 20 отсто од сите геноми на Сарс-КоВ-2 секвенционирани низ светот за време на пандемијата – рече Еван Харисон, кој го води проектот во институтот „Сангер“, водечки светски центар за генетско истражување и секвенционирање на ДНК.
Според него, знаењето и податоците што ги создале им овозможиле да го следат Сарс-КоВ-2, вирусот одговорен за ковид-19, со невидена брзина и прецизност и да видат како се менува.
– Тоа беше прекрасна помош во борбата против болеста. Сега имаме цел да придонесеме за изградба на глобален геномски надзор за сите респираторни вируси. На крајот на краиштата, тоа се агентите што, најверојатно, ќе предизвикаат нови пандемии – истакнува Харисон.