Велушката Тумба е неолитска населба и е само една од многубројните тумби во Пелагонија што говорат за еден динамичен живот во предисторијата на Македонија. Првите археолошки рекогнистицирања започнале во далечната 1952 година, а систематски дваесет години подоцна од група археолози на Битолскиот завод и музеј, со Драгица Симоска, со Воислав Санев од Народниот музеј на Штип и Саржо Саржовски од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата од Скопје, заедно со екипа асистенти и помошници
Знаменитостите на Македонија
Велушка Тумба претставува населба од неолитско време. Се наоѓа во непосредната близина на селото Породин, на 400 м од неговата јужна страна, и на околу 2 км источно од селото Велушина. Претставува височинка – вештачки подигната тумба што личи на пресечен конус, со елипсовидна основа, поставена во правецот исток-запад. Нејзините димензии изнесуваат: 250 м во должина, 150 м во ширина и од 0,70 до 5 м во височина. Околниот терен е зарамнет и лежи во југозападниот дел на Пелагониската Котлина. Со оглед на перманентните земјоделски работи, со кои на првите слоеви на тумбата им се нанесени оштетувања, а и заради научниот интерес, во 1971 година се преземени заштитни ископувања, кои подоцна, со мали прекини до 1984 година, продолжуваат како систематски. Со овие работи, главно изведени во средиштето на тумбата, е пронајден културен слој од 4 м исполнет со остатоци од живеење распоредени во четири хоризонта, издвоени еден од друг со тенки слоеви од насипана земја, хронолошки и културно поврзани. Во сите овие хоризонти се откриени остатоци од урнатини (куќен лепеж) и подови од куќи правоаголни во основата, градени од материјали и на начини карактеристични за неолитските живеалишта, со таа разлика што дрвената граѓа била масивна, а плетот како да не бил практикуван.
Подовите во последните два хоризонта биле од набиена глина, а во првите имале дрвена супструкција. Врз основа на подвижните наоди, а особено на типолошките одлики кај керамиката (облици, орнаментика, техники на украсување), а потоа и кај култната пластика, во хронолошка смисла населбата е сместена во времето на постариот неолит. Стратиграфски најстариот хоризонт (IV) – Велушка тумба V е од крајот на раниот неолит, хоризонтот III – Велушка тумба II претставува преодна фаза, додека хоризонтите II и I, односно Велушка тумба III-IV се од средниот неолит.
Во Велушка тумба I грубата керамика е украсувана со барботин-лепенки и повлекувања со прсти, а фината со орнаменти од бела боја (точки, триаголници, полумесечинки, „сигми“ и стрелки) насликани врз сјајна црвена основа. Од култните предмети се среќаваат стилизирани женски статуетки и отворени жртвеници на четири ногалки со апликации во вид на еленска глава. Во Велушка тумба II грубата керамика продолжува со истите облици и орнаменти, а се појавуваат организираниот барботин и украсувањето во импресо-техника. Незначителни се промените и кај фината керамика, со тоа што меѓу старите орнаменти насликани со бела боја се среќаваат уште брановидни ленти, скалесто поставени ленти и неопределени геометриски мотиви. Антропоморфната пластика исто така продолжува, особено отворените жртвеници што асоцираат на куќа со покрив на две води и оние со животински апликации.
Велушка тумба III и IV, како среднонеолитски, ги имаат речиси истите одлики, како во керамиката така и во култната пластика, со таа разлика што орнаментите во т.н. организиран барботин доминираат, а кај сликаната керамика развлечените триаголници и нејасните геометриски мотиви, додека сигмата и орнаментот во облик на буквата З постепено исчезнуваат. Овде, меѓу култната пластика, како замена за отворените жртвеници се појавуваат жртвениците модели на куќа со покрив на две води и антропоморфен цилиндар. Наодите од овие два хоризонта наполно се идентични со оние од населбата Тумба што се наоѓа на околу 1 км од Породин. Врз основа на резултатите од оваа населба, предложена е нова хронолошка поделба за неолитот во Пелагонија и со оглед на неговите специфичности во материјалната култура е издвоен во посебна културна група наречена велушко-породинска. Д.Ст.