Уметниците отсекогаш користеле оптички илузии како начин да ги фасцинираат и збунат набљудувачите, така што многу дела треба да се погледнат повеќе од еднаш за да се разбере што всушност се прикажува. Серги Карденас, самоук уметник, се занимава со оваа техника во своите дела, пишува „Мај модерн мет“.
Имено, тој создава слики што во себе содржат уште две слики, а кои може да се видат ако се поместите лево или десно од основната слика. На пример, во едно од неговите дела, лицето на сликана жена станува лице на старица додека одите на едната страна, а лице на синоока млада девојка додека одите на другата страна. Иако не ја започнал својата кариера како уметник пред да наполни триесет години, Карденас, благодарение на љубопитноста и експериментирањето, брзо ја развил својата единствена техника. Инспириран од сликите што ги собирал како дете, сакал да го имитира ефектот на две слики на неговите дела работени во маслена техника.
Успеал така што зел шприц за декорирање, кој обично се користи за украсување колачи, и со него направил вертикални исечоци на платното за да создаде релјеф за сликање различни слики. Благодарение на тоа, секое негово дело може да се погледне на вообичаен, но и на малку поинаков, подлабок начин.
Преку оваа трансформација тој се занимава со подлабоки теми и значења, а некои од нив се смртноста, краткотрајната младост, двојната природа на чувствата, па дури и расната нееднаквост. Некои слики едноставно добиваат нова перспектива и стануваат основа за гледање на постојните детали во ново светло. Без разлика на темата, неговите дела ги принудуваат набљудувачите на некој начин да комуницираат со нив и да бидат отворени за нова перспектива.