Платформите на големите технолошки компании деновиве се претворени во боишта во паралелната информациска војна меѓу Западот и Русија во екот на геополитичката битка за влијание.
Со прелевањето на руската војна со Украина на социјалните мрежи, големите технолошки платформи почнаа да ги ограничуваат руските државни медиуми да ги користат нивните платформи за ширење пропаганда и дезинформации, истакнува „Асошиејтед прес“.

Ограничување на медиумите под контрола на Кремљ

Компанијата „Мета“, која е сопственик на Фејсбук и на Инстаграм, објави дека ќе го ограничи пристапот до руските медиуми „Раша тудеј“ и „Спутник“ во Европската Унија, по изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, дека властите работат на забрана на нивните сајтови.
„Гугл“ воведе слични мерки за двата медиума, најавувајќи дека веднаш ќе започне со блокирање на нивните канали на Јутјуб во ЕУ. Други американски технолошки компании досега воведоа поскромни промени, како што се ограничување на досегот на медиумите под контрола на Кремљ, етикетирање на нивната содржина за да знаат корисниците дека доаѓа од руската влада и ускратување на способноста на руските медиуми да собираат приходи од реклами. Американските власти не презедоа слични мерки ниту воведоа санкции за руските државни медиуми, оставајќи ги технолошките компании да сфатат како да го намалат досегот на Кремљ. Налозите на „Раша тудеј“ и другите руски државни медиуми сè уште се активни на Фејсбук во САД.
Твитер, пак, објави дека, по снимањето на повеќе од 45.000 твита дневно од корисници поврзани со руските државни медиуми во последните денови, ќе додаде ознаки на содржината од сајтовите на Кремљ. Компанијата, исто така, изјави дека нема да ги препорачува или насочува корисниците на страници поврзани со Русија при нејзиното пребарување.

Отстранета мрежа од 40 лажни сметки

Компанијата објави и дека ги забранува рекламите на руските државни медиуми и отстрани мрежа од 40 лажни сметки, страници и групи што објавувале проруски ставови. Мрежата користела измислени луѓе што се претставувале како новинари и експерти, иако немале голема публика.
Руската инвазија на Украина стана одлучувачки геополитички момент за некои од најголемите светски технолошки компании, бидејќи нивните платформи станаа главни боишта за паралелна информациска војна, пишува „Њујорк тајмс“. Во последните неколку дена, „Гугл“, „Мета“, „Твитер“, „Телеграм“ и други беа, како што наведува весникот, принудени да се соочат како да ја искористат својата моќ, фатени меѓу растечките барања на Украина, Русија, Европската Унија и САД.
За многу компании, вклучувајќи ги „Фејсбук“, „Гугл“ и „Твитер“, војната во Украина е можност да ја рехабилитираат нивната репутација бидејќи се соочија со прашања за приватност, доминација на пазарот и начинот на ширење токсична и поларизирачка содржина во последниве години. Сега, тие имаат можност да покажат дека можат да ја користат својата технологија за добро, на начин што не е виден од Арапската пролет во 2011 година, кога социјалните мрежи ги поврзаа активистите и беа поздравени како инструмент на демократијата, пишува „Њујорк тајмс“.

Геополитичка битка за влијание

Технолошките компании, сепак, се соочуваат со тешки одлуки. Погрешните чекори може да бидат скапи, додавајќи дополнителна причина за напорите на ЕУ и на САД да го регулираат нивниот бизнис или, од друга страна, да ја наведат Русија целосно да ги забрани.
По одлуката на Путин да ја нападне Украина, големите технолошки компании се фатени во информациската војна меѓу Западот и Русија, истакнува „Фајненшл тајмс“, посочувајќи дека тврдењата и контратврдењата за војната во Украина ги доведоа компаниите од Силиконската долина во средината на геополитичка битка за влијание, со оглед на нивната позиција како контролори на протокот на информации што допираат до милијарди луѓе.
Социјалните мрежи, кои се претставуваа себеси како политички неутрални, но посветени на демократската слобода на говор, долго време се борат да спречат манипулации со нивните платформи за целите на информациската војна, која ги вклучува тајните активности на фармите за тролови и ботови организирани од руската влада, која, според „Фајненшл тајмс“, е еден од најактивните актери во оваа област.
Експертите за дезинформации предупредуваат дека ако платформите се движат премногу силно против руските државни медиуми, тоа може да одговара на наративи дизајнирани дополнително да сеат раздор, како и да ѝ се даде на Москва изговор дека Западот повеќе не е отворен за несогласувања, што би ѝ дало зелено светло да се сврти на Би-би-си и другите медиуми, вклучувајќи ги и домашните опозициски медиуми.