Вечерва во Кинотека на Македонија во 19 часот, ќе се одржи мултимедиајлен настан на НУ „Танец“ во соработка со Кинотека организиран во рамките на чествувањето на 75-годишнината од основањето на „Танец“.
Со проектот се предвидени проекции, осврти, презентации, дебата, ревијални и музички перформанси, кои во својот фокус го имаат овој ансамбл.
Ласко Џуровски, визуелен уметник и типограф, е дел од настанот кој ќе зборува на темата „Ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик, пишуваме со македонска кирилица, пееме македонски песни, играме македонски ора, ја промовираме нашата Македонија низ светот. Опа, иха!“
Бранка Костиќ-Марковиќ, етномузиколог и уметничка раководителка на „Танец“, ќе има говор за 75-годишнината. Ќе биде прикажан и антологискиот филм „Ритам и звук“ на Трајче Попов од 1955 година, а Митко Хаџи-Пуља од Архитектонски факултет ќе зборува на тема „Тан(е)ц на животот“. Музички настап ќе имаат студентите од Одделот за етнологија и антропологија при ПМФ на УКИ. Предвидена е и ревија на шест автентични женски носии од фундусот на ансамблот, како и дебата посветена на жената и женската традиционална носија во Македонија. И уште многу други активности.
Влезот на „Танец во фокусот“ е слободен.