Годината во која веќе го поминуваме вториот месец се чини дека е уште една многу успешна за „Нетфликс“. Стриминг-сервисот ги воодушеви следбениците со изненадувачки трејлер, во кој се претставени сите филмови што се најочекувани и кои ќе бидат достапни на оваа платформа во текот на 2022 година, а има дури 28!
Првиот филм по ред е „Проектот Адам“ на Шон Леви, кој ќе биде достапен за гледање од 11 март. Во него следиме пилот што патува низ времето, за да се здружи со помладата верзија од себе и да се обиде да ја спаси иднината на човештвото. Главните улоги ги толкуваат Рајан Рејнолдс, Марк Рафало, Џенифер Гарнер, Зои Салдана и Вокер Скобел.
Покрај овој филм, можеби највпечатлив е и „Нож во грб, 2“, кој е продолжение на хит-филмот на Рајан Џонсон од 2019 година. Даниел Крег се враќа како Беноа Бланк, а нови членови на тимот се Едвард Нортон, Џесика Хенвик, Дејв Батиста и Кетрин Хан. Датумот на премиерата не е познат, но се знае дека настанот со убиството се случува во Грција.
Во продолжение видовме најави за филмот „Енола Холмс, 2“ со Мили Боби Браун и Хенри Кавил, за анимираната приказна „Морскиот ѕвер“, како и за адаптацијата на книгата „Училиштето за добро и зло“ со Кери Вашингтон и Шарлиз Терон. Многумина ќе се радуваат и на „Пинокио“ на Гиљермо дел Торо, на филмот „Мајчинство“ со Хали Бери, на остварувањето „Измама“, во кое Адам Сендлер е кошаркарски скаут со лоша среќа, како и на фантазијата „Сламберленд“ со Џејсон Момоа.