Актерот Шон Пен (61) проговори за она што го виде на границата меѓу Полска и Украина. Оскаровецот неодамна се врати во САД и го сподели своето искуство за бегалската криза во Источна Европа. Пен со месеци снима документарен филм за тензиите меѓу Русија и Украина, а пред две недели го посети кризното подрачје.
– Имавме среќа што можевме да го оставиме изнајменото возило настрана на патот. Бевме ужасени од глетката, од сето она што го видовме таму. Од сите автомобили што чекаа во колони долги со километри, во повеќето беа жени и деца, некои во групи, а некои само мајка и нејзиното дете. Во некои случаи, таткото ги оставаше и се враќаше, затоа што мажите од 18 до 60 години не смеат да ја напуштат земјата, тие мора да останат во отпорот против Русија – рече познатиот актер во интервјуто за Си-ен-ен, кое го водеше со Андерсон Купер.
Шон е изненаден од размерот на бегалската криза, имајќи предвид дека повеќе од еден милион луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија.
Тој рече дека е импресиониран од храброста и достоинството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, со кого се сретнал ден пред рускиот напад, како и потоа.
– Ме восхити начинот на кој Зеленски ја обедини земјата. Бев импресиониран и трогнат, но истовремено загрижен за него и за Украина, но мислам дека нема брзо да се повлече – изјави глумецот и ги повика гледачите да ѝ помогнат на оваа земја.
Пен додаде дека неговата непрофитна група „Комјунити органајзед Релиф ефорт“ (ЦОРЕ) прави сѐ што може да им помогне на луѓето во Украина, меѓу другото да им се дистрибуираат хигиенски средства, на бегалците да им се даде парична помош и вода. Тој е разочаран од начинот на кој прекуноќ им се сменил животот на милиони луѓе, кои сега живеат во сива реалност.
– Многу луѓе, некои од нив и добро ситуирани, ги напуштија своите работни места, домови, нивните банкарски сметки се затворени, и тоа е сега нивното секојдневие, да се борат за гол живот. Мислам дека ако не се реши наскоро спорот, ако некој не попушти, Путин ќе ја направи најголемата грешка за целото човештво – изјави Шон Пен за Си-ен-ен.