Бројот на жители на САД што дома зборуваат јазик различен од англискиот се зголеми речиси тројно помеѓу 1980 и 2019 година, според податоците од Бирото за попис на населението.
Денес речиси 68 милиони луѓе што живеат во САД, или речиси секој петти американски граѓанин дома зборува јазик различен од англискиот, додека во 1980 година тој број изнесуваше 23 милиони.
– Тоа ни кажува дека Америка е разновидна земја. Добро е што не се зборува само англиски, бидејќи тука има многу имигранти – вели Дина Арид, мајка на три возрасни деца од Калифорнија, која дома зборува и арапски, пренесува „Гласот на Америка“.
Арапскиот е еден од петте најкористени јазици во САД, а Арид, која зборува главно англиски со своите деца, вели дека се обидува да ги научи да зборуваат барем малку арапски.
Шпанскиот е убедливо најпопуларниот втор јазик во САД и го зборуваат повеќе од 41 милион луѓе, 12 пати повеќе од другите најчесто користени втори јазици во американските семејства.
Латиноамериканците се најголемата малцинска група во САД, но повеќе од половина, 55 отсто, се родени во САД. Други јазици што спаѓаат во групата на најзастапени во САД се кинескиот, филипинскиот и виетнамскиот.