Македонскиот поет и преведувач Зоран Анчевски е добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2022 година. Комисијата на одржаниот состанок претходно едногласно ја одбра поемата „Коњски житија“ под шифрата „Џамбаз“, од вкупно 11-те пристигнати на конкурсот објавен од НУ Центар за култура „Григор Прличев“, како највисокорангирана по бројот на бодови врз основа на аргументираните мислења на секој член од комисијата.
– Потребна е поширока популаризација во однос на промоција на изданието на добитничката поема освен во Охрид, таа да се прошири и во други градови во државата. Притоа, констатирано е дека некои од поемите се поднесувани повеќе години, што во иднина треба да се ограничи со правилник, укажувајќи на креативноста како актуелен чин. Би било добро заради континуитет во однос на сознанијата во врска со квалитетот и објективноста на пристигнатите материјали, по еден член од старата комисија да биде дел и од работата на новоизбраното жири – потенцираа од жирито.
Анчевски е поет, универзитетски професор, преведувач, есеист. Има објавено осум поетски збирки одлично примени од критиката, високо оценети и наградени со различни награди во земјата и во странство. За неговата преведувачко дело ја добил највисоката национална награда за превод „Григор Прличев“ (2001). Избори од неговата поезија се преведени и објавени на над дваесет јазици во голем број значајни странски списанија и антологии. Неговите Избрани песни на македонски и англиски јазик се објавени во 2011 година. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, двапати бил секретар на Македонскиот ПЕН-центар и негов актуелен претседател, а раководел и со УО на СВП (2002-2007). Живее и работи во Скопје.