Сандра Булок и Ченинг Тејтум се ѕвездите на филмот „Изгубениот град“, авантуристички филм со елементи на романтична комедија, чија премиера ќе биде на 24 март следната година.
Во филмот, Сандра Булок ја игра Лорета Сејџ, прославената авторка на љубовни романи, кои се одвиваат на егзотични локации. На корицата на сите нејзини книги е манекенот Алан (Ченинг Тејтум), кој го претставува Деша, главниот лик од популарните романи на Лорета.
На промотивната турнеја за нејзината нова книга, Лорета е киднапирана од ексцентричен милијардер, кој верува дека може да му помогне да ги врати богатствата од античкиот град опишан во нејзиниот роман. Алан, кој сака да докаже дека не е само згоден убавец од корицата, решава да се обиде да ја спаси и така започнува нивната заедничка авантура во џунглата.
„Изгубениот град“ е режиран од Арон и од Адам Ни, врз основа на сценариото на кое работеа со Дејна Фокс и Орен Узил. Споредните улоги во филмот ги имаат Даниел Редклиф, Пети Харисон, Оскар Нуњез и Бред Пит.