Во моите дела тежиштето е да се афирмира руралната архитектура што оставила трага во елементите што добиваат поетично значење, вели Кузманоски
Вечерва во уметничкиот салон од центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево беше отворена 14-та самостојна изложба на слики од Драган Кузманоски, со работен наслов „20 години творештво“. Ова е четврта изложба на Кузманоски во Кичево, а беа претставени повеќе од 30 дела во две техники, акрил на платно и масло на платно.
– По четврти пат вечерва гостувам со своја изложба во Кичево, со која сметам дека се задоволени уметничките вкусови на сите присутни во уметничката галерија. Овие дела се изработени во изминатите дваесет години, како што е впрочем и насловот на вечерашната изложба „20 години творештво“. Во моите дела тежиштето е да се афирмира руралната архитектура што оставила трага во елементите што добиваат поетично значење. Задоволен сум што моите дела ги красат домовите на многу жители на Хрватска, САД, Канада и, се разбира, во Македонија. Помеѓу делата што ги претставив на вечерашната изложба е и мојата најомилена творба изработена во акрилни бои со наслов „Пролет“, со димензии 70 х 50 сантиметри – истакна авторот Кузманоски, кој ќе продолжи да создава и во наредниот период. З.А.