Сестринството од слепченскиот манастир „Св. Јован Претеча“ повеќе години работи на репатријација на отуѓеното ракописно наследство на манастирот и во дигитална форма се повратени околу 200 ракописни книги пишувани од монасите во Слепченски скрипториум на Охридската архиепископија

Знаменитостите на Македонија

Од богатиот и славен Слепченски скрипториум на Охридската архиепископија потекнува и Слепченскиот зборник со филозофско-богословски трактати од 16 век. Денес овој ракопис повторно се наоѓа во библиотеката при манастирот „Св. Јован Претеча“, а Одделот на сестринството за ракописното наследство на Слепченскиот манастир, раководено од академик Ѓорѓи Поп-Атанасов, пристапи кон расчитување и истражување на ракописот.
Ракописот го пишувал јеромонах Висарион Слепченски, околу 1544-1550 година. Во содржината на овој зборник се наоѓа дел од,,Богословието“ на Св. Јован Дамаскин (познато и под имињата „Небеса“ и „Предание за православната вера“), Послание на Св. Јован Дамаскин до Св. Козма Мајумски, Климентовите „Предели“ и полемички трактати на Григориј Палама против Латините и Варлаамитската ерес. Кон основниот текст често се додадени схолии и илустративни цртежи. Овој зборник со филозофско-богословски трактати, слепченскиот монах Висарион го напишал за потребите на охридскиот соборен храм „Св. Богородица“.
Во споменатиот ракопис може да се прочита и следното: „Оваа божествена и света книга е ’Богословието’ и ’За православната вера’ на светиот отец наш Јован Дамаскин“. Впрочем, никој да не се охрабри да ја изнесе од светиот манастир под закана на непростливо афоресување и вечна анатема (1691 година, први март, Китиски и попечител Охридски Козма).
Негови карактеристики: хартија 304 л, 315 х 215 мм, писмо – среден правилен полуустав и ситен полукурзив, правопис ресавски, недоследен. Орнаментиката се состои од мултиколорни плетени заставици од балкански тип со флорални елементи, плетен иницијал и вињетка, а повезот е штици во орнаментирана кожа.
Од Македонија првин е однесен во софискиот археолошки музеј, од каде што подоцна е пренесен во Архивот на Бугарската академија на науките. Денес во Научниот архив на Бугарската академија овој македонски ракопис го носи бројот 82.


Слепченски скрипториум на Охридската архиепископија

По возобновувањето на духовниот живот во слепченскиот манастир „Св. Јован Претеча“ биле пронајдени одредени старопечатени книги. Тука припаѓал и Слепченскиот скрипториум, односно дејствувања на монаси што препишувале и создавале книги, како: минеи, пролози четвороевангелија, апостоли, од кои најстариот зачуван е ракописен апостол од 11 век, но и делата на слепченските монаси, кои составувале богословски зборници и трактати. Преку овие почетни траги се појавила желба кај сестринството на манастирот да се испитаат наводите што постоеле, односно кратки реченици составени во тие збирки – ракописи што постоеја во Македонската академија на науките и уметностите.
МАНУ укажа дека постоеле огромна библиотека и збирка на ракописи во манастирот „Слепче“, која во претходните столетија била однесена од многубројни патописци и личности што биле задолжени за пронаоѓање на таквите ракописи по целото православие. Од тоа произлезе дека денес мноштвото ракописи се наоѓаат во универзитетските и народните библиотеки, потоа во академиите во Бугарија, Србија, Украина, Русија, Хрватска и уште на многу други места. Изминативе години се пристапи по трагање на тие ракописи и нивно враќање во дигитална форма во манастирот, за возобновување на манастирската библиотека. Врз основа на тие сознанија за важноста на тој препишувачки центар во слепченскиот манастир „Свети Јован Претеча“ се појавила голема желба сите ракописи што се создавале во 11, 12, 13 век да се проучуваат и дешифрираат од страна на секцијата при сестринството на манастирот, под раководство на академик Ѓорги Поп Атанасов.


Висарион Слепченски

Висарион е македонски духовник, јеромонах и книжевен деец од 16 век. Тој е еден од најзначајните книжевници од Македонија од овој период и е претставник на Слепченскиот книжевен центар при манастирот во селото Слепче кај Демир Хисар.
Негови ракописи се: „Дионисиј Аеропагит“ (1542), „Посланието на Јован Дамаскин до Козма Мајумски“, „Богословски зборник“ (1540), „Поученија на Кирил Александриски“, „Златоуст“ (1548) и др. Автор е и на „Слепченскиот поменик“ (1548) и на „Слепченскиот писмовник“ (1550). Во прологот за март-август 1554 год. е најголемата збирка патерички раскази што досега е пронајдена од таков тип славјански ракописи. Во ова дело, Висарион ги вметнал расказите: „Отец Герасим и лавот“, „За картагенскиот војвода“, „Филозофот Евгариј и епископот Синесиј“, „За калуѓерот што бил несправедливо обвинет за кражба“, „За жената што била убиена од својот свекор“, „Папа Григориј Римски“, „Павле Препростиот“.