Првата жена што ќе зачекори на Месечината ќе биде облечена во дизајнерски вселенски костим, благодарение на соработката помеѓу НАСА и италијанската модна куќа „Прада“. Како дел од историската мисија на НАСА „Артемида 3“ на лунарниот Јужен Пол, „Прада“ се здружи со „Акио спејс“ за да создаде најсовремена вселенска облека за астронаутите што ќе се упатат кон Месечината во 2026 година.
Се очекува дека мисијата ќе биде монументален скок за истражување на вселената, бидејќи не само што го означува враќањето на НАСА на Месечината туку ќе биде и првпат жена да оди на нејзината површина. Вселенскиот костим, иако е многу иновативен, го задржува акцентот на класичниот дизајн што го носеа астронаутите на „Аполо“ за време на нивните експедиции на Месечината пред повеќе од 50 години. Надворешниот слој, првенствено во бела боја, е дизајниран да ја рефлектира топлината додека обезбедува отпорност на екстремните температури на лунарниот Јужен Пол. Сепак, влијанието на „Прада“ е видливо со елегантните сиви и црвени риги, како одраз на нејзиниот препознатлив стил. Вселенскиот костим е дизајниран и за перформанси, издржливост и приспособливост. Може да издржи ниски температури во една од најопасните средини во вселената, обезбедувајќи безбедност и функционалност и за машките и за женските астронаути. Унисекс-костимот е приспособлив на различни големини, означувајќи ново поглавје во вселенската облека. Мисијата на НАСА „Артемида 3“ би требало да го однесе првиот астронаут што ќе слета на Месечината по „Аполо 17“ во 1972 година.
Кристина Кох, единствената жена од екипажот на „Артемида 2“, би можела да биде првата жена што стапнала на површината на Месечината, значаен момент во историјата. До денес, само 12 астронаути отишле на Месечината, а сите биле мажи.