Во „МГ кафе-бар“ вечерва, во 19 часот, ќе се одржи промоција на книгата наменета за најмладите читатели „Мачето Мице“, топла и разиграна збирка раскази од авторката Татјана Гаврилова, објавена од издавачката куќа „Или-или“, во рамките на едицијата „И ете приказна“. Низ приказните ќе нѐ води промоторката Ана Јовковска.
Книгата раскажува за домашните авантури на љубопитното маче Мице – палаво, весело и секогаш во движење. Низ десет посебни приказни, читателите ги следат неговите обиди да го истражи светот околу себе, да се справи со нови ситуации, да научи важни лекции и – најчесто – да направи понекоја беља. Раскажувач на приказната е Ема, девојче што живее со своето семејство и го споделува секојдневието со Мице. Преку нејзиниот детски глас се доловува атмосферата на едно типично, но волшебно семејно домаќинство полно со љубов, игра и разбирање. Во фокусот на приказните се вредности како што се пријателството, храброста, емпатијата и значењето на семејството. Истовремено, книгата нуди и доза хумор, авантура и препознатлива детска динамика, што ја прави идеална за читатели на возраст од пет до десет години.
Приказните се визуелно збогатени со живописни илустрации на Јана Борбала Панзов.