Фото: Пиксабеј

Меѓународната организација „Репортери без граници“ (РСФ) и другите медиумски организации објавија упатства за употреба на вештачката интелигенција (ВИ) во новинарството. Во документот претставен неодамна во Париз се наведува дека вештачката интелигенција е способна да ги почитува човековите права, мирот и безбедноста во согласност со заедничките аспирации и вредности.
Вештачката интелигенција претставува значителна промена во начинот на собирање информации, потрага по вистината, раскажување приказни и ширење идеи и значително ќе го промени новинарството, се наведува во документот. Системите за вештачка интелигенција имаат потенцијал да го револуционизираат глобалното информациско опкружување, во зависност од нивниот дизајн, контрола и имплементација. Затоа во документот се наведени десет основни правила што мора да станат задолжителни за медиумските организации и за новинарите. Првото правило е дека новинарската етика мора да ги насочи медиумите и новинарите да користат технологија, а второто е дека човечките одлуки мора да останат централни за уредничките избори и долгорочните стратегии. Документот повикува системите за вештачка интелигенција претходно да подлежат на независна евалуација и медиумите секогаш да останат одговорни за содржината што ја објавуваат. Медиумите мора да бидат транспарентни за употребата на системите за вештачка интелигенција и мора да ги гарантираат автентичноста и вистинитоста на објавите. Во документот исто така се нагласува дека разликата помеѓу човечка и генерирана содржина треба да биде јасно означена, дека содржината на вештачката интелигенција треба да го одразува плурализмот на мислењето и дека новинарите и медиумските куќи треба да бидат ангажирани во општиот надзор на системите за вештачка интелигенција.