Во текот на вчерашниот ден, во длабока старост мирно не напушти нашата сибирска тигрица Надја, која беше еден од најстарите тигри во Европа, информираа од скопска Зоолошка градина.
Надја во скопската Зоолошка градина пристигна од Будимпешта во 2010 година, кога имаше осум години, во тогаш новоизграденото живеалиште за тигри по светски стандарди.
-Во Скопје ЗОО живееше заедно со својата ќерка Ана и како една од најстарите жителки на градината беше миленичка на сите вработени. Сибирската тигрица Надја е родена 2002 година во Франција, а во Скопје живееше цели 13 години. Овој вид крупни ѕверови -тигри во просек живеат околу 10-12 години во дивина, а од 16-18 години во зоолошките градини. Нашата Надја имаше речиси 21 година и за неколку години ја надмина просечната граница на векот на живеење. Најдолг животен век на овој вид во заробеништво досега е забележан кај мажјак сибирски тигар кој живеел 23 години. Ќе ја паметиме по нејзината грациозност, секогаш љубопитна за игра, долгите капења во базенот, како и по љубовта која ја имаше кон своите зоонегуватели кои во последните денови од нејзиниот живот направија се да и биде полесно, со оглед на длабоката старост која ја доживеа – велат од Зоолошка.